Победник на изборите во Холандија е Либерална партија

Според првичните резултати од излезните анкети, владејачката Либерална партија на сегашниот премиер Марк Руте победи на парламентарните избори во Холандија, освојувајќи 31 од вкупно 150 места во парламентот, јавува Anadolu Agency (AA). Радикално-десничарската Партија на слободата  на Герт Вилдерс освои 19 пратенички места, а исто толку освоија и „Демократи 66“ и Христијанската демократска партија.

Следат „Зелените“ со 16 пратенички места, Социјалистичката партија (SP) со 14, додека партнерот во коалициската влада, Лабуристичката партија (PvdA) на Лодевик Ашер, освои девет места во парламентот. Партијата ДЕНК, заштитник на малцинската муслиманска заедница и на турската заедница, освои три пратенички места. Според прелиминарните податоци, вкупниот одзив на бирачите на денешните избори беше околу 81 отсто.На парламентарните избори во Холандија денес 12,9 милиони регистрирани гласачи го бираа новиот состав на парламентот кој брои 150 пратенички места.

Во изборната трка учествуваа 28 политички партии со 1.114 кандидати, а аналитичарите и истражувањата на јавното мислење предвидуваат дека ниту една партија нема да добие доволно гласови за самостојно да формира влада.Парламентарните избори се одржаа во сенка на скандалот во саботата во Ротердам и расистичката реторика на радикалната десница. Овие избори, сепак, се сметаат за важни и за Холандија и за целата Европска Унија, во која радикалните политички опции добиваат сè поголем простор на политичката сцена.

Избирачките места беа отворени во 7 часот, а се затворија вечерва во 21 часот по локално време. Прелиминарните резултати се очекуваат доцна по полноќ, додека официјалните резултати ќе бидат објавени на 21 март.

Advertisement