Почнаа 56. Струшки вечери на поезијата

Со традиционално садење дрво и со поетско читање во чест на добитникот на „Златниот венец“ – Чарлс Симиќ, вечерва почнаа 56. Струшки вечери на поезијата.

По официјалното отворање што го означи министерот за култура Роберт Алаѓозовски, меѓународното поетско читање „Поетски меридијани“ го почна годинашниот лауреат Симиќ со „Месарница“. Настапи и  Иван Џепароски, добитникот на наградата „Браќа Миладиновци“ за 2016 година.

Неруда, Гинзберг, Монтале, Конески, Бродски, Максимовиќ, Ружевич, Пачеко, Сангвинети, Бонфоа, Мервин, Дарвиш, Арапи, Маргарет Атвуд, годинашниот лауреат Чарлс Симиќ,…, се само дел од великаните на поезијата кои оставија печат на оваа манифестација и на светската книжевност воопшто, печат кој претставува голема чест, но и обврска за сите нас, да продолжиме да ги шириме тие хоризонти, рече министерот Алаѓозовски во обраќањето.

Напоменувајќи дека нема да дозволи естрадизиација на Фестивалот, Алаѓозовски најави нов пристап, надвор од очекуваните димензии, со високи естетски критериуми и критичен осврт кон состојбите во општество и уметноста, пристап кој, како што истакна, ќе има силна едукативна димензија, ќе ги промовира културните богатства, различностите и мултикултурализмот, и ќе создава простори за партиципативност и интеракција меѓу уметниците и публиката.

Струшките вечери на поезијата ќе ја имаат целосната и безрезервна поддршка во оваа насока, да чекорат цврсто и храбро и преку моќта на зборот, постојано да ги предизвикуваат, отвораат и изоструваат нашите можности, перцепции и хоризонти зашто овој фестивал, со сета своја историска тежина и традиција, заслужува биде носител на визиите и погледите на уметноста кон нашата подобра, заедничка иднина, потенцира министерот.

Според него, поддршката на СВП од Министерството за култура никако нема да биде само во функција на рутинско одржување на една голема и традиционална културна манифестација.

-Децении наназад, овој Фестивал, кој не случајно се одржува во Струга, градот на браќата Миладиновци, од кои помладиот, Константин Миладинов ги постави темелите во создавањето на нашиот автентичен поетски израз, претставува собир на најдоброто од светската поезија, место за размена на искуства, идеи и визии кои ја движат уметноста напред и ги шират не само нејзините хоризонти, туку и видиците на нашите општества и нашата цивилизација воопшто, дополни Алаѓозовски.

Пред него кусо се обрати и директорот на националната установа „Струшки вечери на поезијата“ Мите Стефоски, нагласувајќи дека СВП е институција која години наназад ги презентира назјначајни поети во светот, десетици книжевности и македонската поезија.

– Сите овие активности направија Фестивалот да биде респектиран као институција, Тоа обврзуваа таа да се развива, да стреми кон нови форми и места каде поетското творештво ќе биде презентирано, рече Стефоски.

Струшките вечери на поезијата ќе траат до 28 август и ќе понудат богата програма. Покрај поетски читања, предвидени се и симпозиуми, средби со издавачи, портрети на годинашните лауреати и прогласување на годинашниот добитник на наградата „Браќа Миладиновци“ за најдобра поетска збирка на македонски јазик меѓу два фестивала. Во рамки на СВП ќе има и вечери за европската поетска платформа Версополис.

Фестивалот во Струга ќе заврши на 27 август со поетската манифестација „Мостови на Струга“ и врачување на фестивалските награди на годинашните добитници. Во понеделник, 28 август, ќе се пресели во Скопје каде ќе има Поетско матине на Матка, а вечерта – Меѓународен поетски митинг на плоштадот „Македонија“.

Годинашниот добитник на наградата „Златен венец“, поетот Чарлс Симиќ, е роден во Белград во 1938 година, а со семејството се преселил во САД во 1953 година. Поезија почнал да пишува во средно училиште, а на неговите поетски почетоци влијаеле американските поети Волт Витман, Емили Дикинсон, Волас Стивенс

Advertisement