Протестен марш на албанските колеги во знак на поддршка на новинарката Лала

Новинари и претставници на албанските медиуми, на кои им се придружија и граѓански организации и жители на Тирана, вечерва одржаа протестен марш на плоштадот „Народни херои“ во знак подршка на новинарката Клодиана Лала, поради нападот врз домот на нејзините родители.Нејзините колеги, во раце држеа пароли на кои пишуваше „Со тебе сме Клодиана“. Овој настан е само уште една потврда колку е тешка состојбата во нашата земја.

Бараме од институциите да го расветлат случајот и сторителите да ги извадат пред лицето на правдата – порачаа новинарите. Сè уште непознати сторители вооружени со автоматска пушка „калашников“ денеска околу три часот по полноќ рафално пукале во домот на родителите на новинарката Лала. По увидот полицијата сопшти дека десет куршуми завршиле во ѕидовите на објектот, прозорците и влезната врата. За среќа нема повредени.

Клодиана Лала е позната по нејзините истражувачки стории во кои открива многу случаи на корупција во кои се вмешани и лица од власта. Од денес таа има полициска заштита. Инцидентот остро го осудија актуелниот и поранешниот претседател на Албанија, Илир Мета и Бујар Нишани, премиерот Еди Рама, делагацијата на Европската унија, мисијата на ОБСЕ, амбасадата на САД, политички партии, новинари и интелектуалци.

Advertisement