
Раскошот, покажаната моќ на воената техника, гордоста на руските војници и граѓани и швајцарската точност на почетокот и крајот на воената парада по повод Денот на победата над фашизмот во Москва повторно и повторно го постави прашањето за подемот на Русија и последиците од него. Факт е дека Русија не е истата онаа од деведесеттите години на минатиот век. Цврстото и непоколебливо водство на Владимир Владимирович Путин ја врати Русија на светската сцена како голема сила, со свои регионални и глобални интереси и своја визија за тоа како треба да изгледа современиот светски поредок. Рускиот подем недвосмислено ја разниша општата рамнотежа на моќ воспоставена со крајот на Студената војна, која идеолошки беше сублимирана во „Крајот на историјата и последниот човек“ на Френсис Фукујама.Книгата ја славеше апсолутната победа на либерализмот и храбро предвидуваше дека историјата е завршена, бидејќи светот се движи во насокиа на глобално либерално општество. Оваа идеолошка флоскула беше јадрото околу кое се формираше либералниот институционализам фокусиран на промоција на подлабока глобална интеграција.
Со тоа тој ги занемаруваше идентитетските прашања кои стануваа толку поалармантни колку што глобализацијата беше подлабока и поширока. Токму во потрагата на сврзувачко ткиво за растргнатото општество по распадот на Советскиот Сојуз, Русија се сврти кон идентитетот. Путин мудро играше на картата на рускиот национализам. Воздигнувајќи го митот за топлата руска душа, Путин успеа да ја сплоти славата на царска Русија со славата на советската Црвена Армија. И уште повеќе, тој успеа да ја материјализира силата на рускиот дух така што чекор по чекор, со невидена посветеност, повеќекратно го зголеми рускиот бруто-национален производ, ја возобнови индустријата, ги модернизираше вооружените сили и ја врати Русија на светскиот пазар на оружје како втора извозничка на оружје по САД во 2016 година.
Со еден збор, врз идеолошка основа различна од онаа на либералниот институционализам, успеа да ја спречи натамошната фрагментација на Русија и повторно да ја врати Русија на светската сцена како голема сила. Поранешниот американски претседател Барак Обама, целокупната политика ја градеше на основите на институционалниот либерализам, односно на позициите на глобализмот и токму затоа во Путин го гледаше својот најголем идеолошки противник. Од Обама започна и плетењето на митот за опасноста на Русија за остатокот од светот. Митот за руската опасност во светот го прифатија и некои од европските политички елити, некои поради диктатот од Вашингтон, а некои поради сопствени интереси. Впрочем, скаменетите лица и погледи за време на средбата на германската канцеларка Меркел со рускиот претседател Путин во Сочи, на почетокот на мај оваа година, само ја потврдија тезата дека Русија и рускиот претседател и понатаму ќе бидат дежурни виновници за се лошо што се случува во светот.
Слична е состојбата и на Балканот. Руското влијание, реално, замислено или измислено е сѐ поприсутно во медиумите на балканските простори во вид на вести, анализи или конспиративни теории. Русија стои зад пучот во Црна Гора, Русија ја поткопува државноста на Босна и Херцеговина, Русија ја вооружува Србија подготвувајќи ја за иден конфликт со Албанците, Русија стои зад настаните во Македонија дури и тоа дека Русија го спасила Ердоган навреме информирајќи го за подготовките за пучот. Сепак, влијае ли Русија на балканските простори или само се обидува да воспостави сфера на влијание, каков е обликот на руското влијание, каква е перцепцијата за руското влијание на Балканот и со чие друго влијание се судира руското влијание на Балканот и особено во Македонија и колкав е интензитетот, и би рекол реалитетот на судирот.
Балканот со инхерентните, историски вкоренети антагонизми меѓу народите кои го населуваат, е идеален простор за разни замешателства. Просто ги повикува да се замешаат големите сили и оние кои преку замешувањето на Балканот сакаат да испратат порака до другите дека се голема или барем регионална сила.
Испраќање ваква порака на Русија не и е потребно, таа де факто е голема сила. Историски гледано, Русија секогаш била присутна на Балканот како голема сила, која ги заштитувала христијаните од отоманското самоволие и им помогнала, пред се, на Бугарија, а потоа и на Србија да стекнат независност и потоа да ги прошират своите територии на сметка на Македонија. Понатаму, руското влијание на Балканот продолжува преку коминтерната и идеолошкото влијание врз балканските комунистички партии. Со помош на Москва се формирани КПЈ на чело со Тито, БРП(к) на чело со Георги Димитров, КПГ на чело со Маркос Захаријадис и Албанската комунистичка партија на чело со Енвер Хоџа. И повторно, на сметка на Македонците од Егејска Македонија, Советскиот Сојуз се обидува да ги оствари сопствените геополитички интереси во обидот да ја стави Грција во својата сфера на влијание. По крајот на Студената војна и распадот на Советскиот Сојуз, влијанието на Русија од Балканот сосема исчезна. Еден по еден, братските славјански народи ѝ го вртеа грбот на Русија, единствен верен сојузник остана Србија која, патем речено, беше изневерена од Русија во 1999 година и препуштена на бестијалноста на САД и на НАТО.
Цената за лојалноста кон Москва што ја плати Србија беше енормно висока – уништување на значаен дел од инфраструктурата и одземање на територијата на Косово и Метохија. Балканот потпадна под речиси апсолутно влијание на Соединетите Американски Држави, коишто од Албанците направија вазали и инструмент за промоција и зачувување на американските интереси. Албанците осоколени од доделената улога веќе подолг период се фактор на дестабилизација на Балканот. Токму агресивноста на албанските екстремисти ѝ овозможи на Русија на мала врата да се врати на Балканот. Имено, конфликтот од 2001 година во Македонија, Русија го искористи за да покаже дека ако не може да биде одлучувачки фактор на Балканот, тогаш може да биде фактор кој ќе ги замрси плановите на САД, при што, преку Украина активно се вклучи во конфликтот со забрзано опремување на Армијата на Република Македонија, особено Военото воздухопловство. Токму авионите „сухој-25“, по завршувањето на конфликтот им беа коска во грлото на САД и на НАТО коишто тврдеа дека со тие авиони Македонија ја нарушува регионалната рамнотежа на силите.
На голема врата Русија се врати на Балканот во 2009 година, со градењето база на нишкиот аеродром за стационирање руски сили за справување со природни катастрофи. Инфраструктурата на базата упатува на тоа дека по потреба, базата многу лесно и за кратко време, може да се преадаптира во воена база.
Колку за потсетување, токму оваа база послужи за техничко слетување на авионите од Москва кон Дамаск при доставувањето на хуманитарна помош за Сирија. Базата во Ниш на Русија ѝ овозможува постојано воено присуство на Балканот, а со самото тоа и зајакнување на политичкото влијание во регионот на Србија, Македонија, Косово и Босна и Херцеговина. Од геополитички аспект, базата во Ниш претставува одговор на американската база „Бондстил“ во Косово и обид за воспоставување своевидна рамнотежа на силите, пред сѐ американските, присутни во регионот на Западниот Балкан. Значи, де факто Русија е присутна на Балканот и во Србија има воспоставено сопствена геополитичка сфера на влијание. Мора да констатираме дека сето тоа не ќе беше можно без бестијалниот напад врз Србија од страна на САД и на НАТО и потоа признавањето на независноста на Косово, преседан кој на Русија подоцна и овозможи да се постави како заштитник на Србија, да се меша во внатрешните работи на Грузија, а подоцна да го анектира Крим од Украина, дури и со право да се поставува како заштитник на основните принципи на меѓународниот правен поредок.
Влијанието на Русија врз Балканот е пред се културно и делумно религиозно врз државите населени со словенско и православно население. Голем дел од православното словенско население на Балканот, дури и Македонците и покрај негативното историско искуство, а заради културната и религиозна блискост, веруваат во заштитничката улога на Русија. Токму овој психолошки момент е плодно тло за плетење на разни конспиративни митови, кои за последица имаат искривување на перцепцијата за реалните политички токови на Балканот и за вистинското влијание на Русија врз внатрешно – политичките настани, како што беше на пример преувеличувањето на руското влијание врз македонската политичка криза – мит кој најмногу им одеше во корист на Албанците, кои по дефиниција се заштитници на американскиот интерес на Балканот. Меѓу другите облици на руско влијание на Балканот се военото и економското. Военото не во вид на воено присуство, како во Србија на пример, туку во вид на воено-техничка соработка со државите од Балканот од едноставна причина што сите држави во своите арсенали имаат советско вооружување. Дури и Албанија, Бугарија и Хрватска, кои се членки на НАТО, се приморани на овој вид соработка со Русија бидејќи сѐ уште во вооружувањето на нивните армии имаат тенкови од типот „Т-55“ или „Т-72“, борбени оклопни возила од типот „БТР“, авиони од типот „миг“, „сухој“, „антонов“ или хеликоптери од типот „мил“ и „камов“. Ист е случајот со БиХ, Македонија, Србија и Црна Гора. Економското влијание на Русија во регионот на Балканот е ограничено и се сведува на можноста рускиот пазар да се отвори за земјоделските и прехранбените производи на земјите од Балканот. Руските инвестиции, во споредба со американските или германските на пример, во која било балканска држава се занемарливи.
Руските инвестиции се, пред се во огромни гасоводни проекти, кои како крајна цел имаат создавање услови за непречена продажба на рускиот гас на Балканот. Економските бенефииции од овие инвестиции се заемни, но геополитичките се дефинитивно еднострани и тоа е основната причина поради која САД по секоја цена се обидуваат да ги спречат гасоводните проекти, што им успеа во случајот со „Јужен тек“, но не им успева со „Турски поток“. Оттаму, лесно е да се заклучи дека Русија во своите обиди да го прошири сопственото влијание на Балканот примарно се судира со САД. Овој судир е реален, за среќа, со многу низок интензитет. Дефинитивно, постои голем потенцијал судирот за влијание на Балканот меѓу САД и Русија да прерасне во судир од многу поголем интензитет. Горивото за разгорување на тој судир се големоалбанските претензии во регионот на Западен Балкан и повторното будење на српскиот национализам, овој пат зајакнат со сесрдна руска помош во современо вооружување. Да резимираме, Русија е присутна на Балканот повеќе од 150 години. Интензитетот на нејзиното присуство варирал во зависност од глобалниот распоред на моќта.
Бугарија, преку спонзорираниот од Русија Сан-Стефански договор и Србија биле државите кои најмногу профитирале од руското присуство на Балканот, додека Македонците биле тие кои само се надевале на братска помош. Оваа надеж била заснована на индивидуалниот чин на саможртвување на господинот Александар Ростковски, руски конзул во Битола во периодот од 1895 до 1903 година. Со крајот на Студената војна и распадот на Советскиот Сојуз, руското влијание на Балканот сосема замре, дури и во Србија – традиционалниот сојузник на Русија, се појавува сомнеж во искрените намери на Русија и воопшто во способноста да влијае врз настаните во регионот. Големото враќање на Русија на Балканот го овозможи преседанот со откинувањето на Косово од Србија и негово претворање во независна држава-протекторат преку воена интервенција неодобрена од Советот за безбедност на ООН. Од тој момент Албанците се самопромовираа за заштитници на американските интереси на Балканот, додека Србите беа антиподот во оваа голема игра. Како Русија зајакнуваше, така и обидот за нејзино се посилно присуство на Балканот стануваше се поочигледен. Во моментов Русија има своја сфера на влијание во Србија и поставувајќи се како заштитник на македонското православно население пред великоалбанскиот шовинизам настојува сферата на влијание да ја прошири и врз Македонија. Каузалитетот е очигледен, колку е поагресивна идејата за голема Албанија на Балканот, толку посилно ќе биде влијанието на Русија на Балканот, пред се како добредојден заштитник на словенските православни народи. Новата американска администрација, на чело со Трамп, веќе ја согледува стапицата на овој каузалитет и за кратко време ќе следува редефинирање на американската надворешна политика на Балканот. Канџите на орелот ќе бидат скратени, впрочем не така одамна, Американците на еден друг орел многу безочно му ги скратија канџите./novamakedonija.com.mk
Сашо Мојсоски
(Авторот е дипломиран политиколог)
Македонски весник Илинден – Makedonski vesnik Ilinden