Шчербак: Македонија добро да размисли за членството во НАТО

Секоја држава има сопствен избор за градење на националната безбедност без разлика дали тоа е со членство во НАТО или воена неутралност, изјави рускиот амбасадор Олег Шчербак говорејќи пред студентите од Факултетот за безбедност. Секоја земја треба самостојно со референдум и почитување на волјата на мнозинството да одлучи за членство во сојузи. Постојат успешни воено неутрални држави во Европа и таквиот пристап на решавање на националната безбедност е рационален, изјави Шчербак.

Посочи дека ефикасната безбедност во 21. век може да биде изградена само врз основа на колективна безбедност и со заеднички напори на сите и мали и големи земји. Според него, НАТО претставува воено-политички блок создаден од САД со една цел да се спротивстави на Варшавскиот пакт, но иако тој веќе 30 години не постои НАТО се уште се шири кон исток.

Воено неутралниот статус на Македонија може да и даде многу и во таков случај таа ќе биде отворена за сите и ќе може да ги оствари економските и социјални интереси на граѓаните, без да биде под товарот на европската солидарност. Добро знаете дека кога солидарноста се става над здравиот разум, тоа е погубно за националните интереси, истакна Шчербак.

Посочи дека постои пропаганда со која Русија се претставува како агресор и дека земјите од Балканот се принудуваат да направат вештачки избор меѓу Истокот и Западот. Последиците од тоа се познати на Украина која беше ставена под таков ултиматум, што предизвика раздор и граѓанска војна. За жал, нашите западни партнери ништо не научија од ова, изјави Шчербак.

Рускиот амбасадор тврдењата дека Македонија се наоѓа на линија на огнот меѓу САД и Русија ги оцени дека се во насока на изолација на нашите народи и зголемување на русофобијата. Руската Федерација не може да не биде загрижена за воената доктрина на НАТО во која Русија е прогласена за непријателска. Тоа е многу опасна игра и не би сакале во оваа авантура да ја вовлечат и Македонија. Македонскиот народ да се користи како топовско месо и нејзината територија како НАТО база, изјави Шчербак.

Тврдењата дека членството во НАТО на Македонија ќе и донесат мир и стабилност, Шчербек ги оцени како мит. Не ве убедувам дека НАТО е зло, но само велам дека треба многу добро да се анализираат последиците при еден таков чекор. Влегувањето во така агресивен сојуз е предизвик и сериозен избор за секоја земја. Политичарите треба да бидат свесни за својата одговорност и да се водат од поговорката еднаш сечи, три пати мери, изјави Шчербак.

Advertisement