Струшки вечери на поезијата од 22 до 27 август

Со палење на фестивалскиот оган и традиционалното читање на Константиновата „Т’га за југ“ пред Домот на поезијата во Струга на 22 август во 20.30 часот официјално ќе биде отворено 57-то по ред издание на поетскиот фестивал „Струшки вечери на поезијата“. Според традицијата, манифестацијата ќе започне во 12 часот претпладне со садење дрвце во Паркот на поезијата во чест на добитникот на највисокото признание „Златен венец“, за 2018 година, полскиот поет Адам Загајевски. Поотоа следува Меѓународното поетско читање „Поетски меридијани“.

Според програмата годинава фокусот е на нордиската поезија, но ќе биде претставена поезија од сите континенти. Изменет е концептот „Поезија на пат“, па наместо по завршување на фестивалот, ќе се одржува за неговото времетраење. Остануваат поетските читања во Охрид, Битола, Скопје и матинето на Матка, а првпат годинава ќе има и читање во Прилеп. Меѓу изданијата што ќе бидат промовирани во рамки на фестивалот се: тријазичен избор од поезијата на лауреатот на „Златен венец 2018“, Адам Загајевски, на три јазици, објава на поетската книга на Паули Тапио од Финска – добитник на наградата на СВП и УНЕСКО „ Мостови на Струга“ за најдобра дебитантска поетска книга, Антологија на современата кубанска поезија, наслови од едицијата „Плејади“.

За време на шесте дена СВП, ќе има содржини поврзани со поетската платформа „Версеполис“ поддржана од ЕУ, а една фестивалска вечер ќе биде омаж за тројца македонски автори кои починаа во изминатите осум месеци – академиците и книжевници Матеја Матевски (кој во 2011 беше лауреат на „Златниот венец“ на СВП) и Милан Ѓурчинов (во еден период претседател на Уметничкиот совет на СВП) и писателката Лилјана Дирјан (добитничка на наградата „Браќа Миладиновци“ и меѓу основачите на Независни писатели на Македонија). Престижната награда „Златен венец“ на Загајевски ќе му биде врачена на затворањето на фестивалот на традиционалното поетско читање „Мостови“, кога ќе бидат доделени и наградите „Мостови на Струга“ како и наградата „Браќа Миладиновци“ за најдобра стихозбирка меѓу две фестивалски изданија.