
Светскиот Македонски Конгрес (СМК) ја поздравува намерата на Тирана за уредување на положбата и правата на Македонците, Грците, Власите, Ромите, Еѓипќаните, Србите, Црногорците и Бошњаците со Закон за националните малцинства, меѓутоа најостро ги осудува обидите на Софија да изнуди постоење на “бугарско малцинство“ во областите Мала Преспа, Голо Брдо и Гора, каде што живеат Македонците, посебно после телефонскиот разговор меѓу бугарскиот пермиер Бојко Борисов со албанскиот премиер Еди Рама!
СМК повторува дека Бугари на целата територија на Албанија и во регионите Мала Преспа, Голо Брдо и Гора, НЕМА, туку само Македонци! Македонците во Албанија не се “Бугари“!
СМК најостро ја осудува антимакедонската политика на Софија за Македонците како “Бугари“ во Албанија, што ги влошува добрососедските односи меѓу Македонија и Бугарија!
СМК истовремено упатува најостра критика кон Европскиот Парламент, доколку во притисокот врз Владата во Тирана се вклучат евро-пратеници за признавање на непостоечко “бугарско малцинство“ во Албанија.
СМК од Македонската Влада бара остар демарш до Брисел и Софија за нотификацијата на лажна бугарска историја во европските службени документи и за преименувањето на Македонците за “Бугари“ во Албанија!
СМК апелира до Брисел за активни мерки против денационализаторската политика што веќе неколку години организирано ја води Софија со незаконско издавање на бугарски државјанства на Македонците во Албанија и во Македонија, со услов писмена декларација за “бугарско потекло“, и покрај знаењето дека Македонците се изложени на тој ризик заради емиграција во западно-европските земји од социо-економски причини, а не заради живот како “Бугари“ во Бугарија.
СМК апелира до сите Македонци да се откажат од приемот во бугарско државјанство поради ризик од декларацијата за “бугарско потекло“ со импликации кои се неизбежни а неприфатливи за идентитетската основа и за Македонската нација и државата Македонија!
Македонски весник Илинден – Makedonski vesnik Ilinden