ЦИА: Македонците барале своја Црква уште од 1913 година

 

Македонците барале сопствена црква уште за времето на Балканските војни, но СПЦ уште во времето на Тито остро се противела на идејата за формирање автономна ортодоксна црква во Македонија. Ова е запишано во еден од илјадниците неодамна објавени тајни документи на Централната разузнавачка  агенција-ЦИА кои се однесуваат на Македонија и Југославија.

На интернет сајтот на американската агенција ЦИA објавена е содржината на документот на ЦИА https://www.cia.gov/library/readingroom/document/ciardp82-00457r0137001 кој датира од 1952 година во кој разузнавачите на американската агенција ги известуваат претпоставените во Вашингтон за односот меѓу режимот на Тито и Српската православна црква. Уште за време на анексијата на Македонија во 1913 година и припојувањето на нејзината црква кон Српската православна црква, локалното православно население сака да формира сопствена ортодоксна црква независна од онаа во Белград, со бугарски, а не српски како црковен јазик.

Под 30-годишното владеење на династијата Караѓорѓевиќ, која ја претставува српската доминација и централизам, желбите на Македонците биле игнорирани. Владата на Тито, која го претставува комунистичкиот антирелигиозен централизам единството на Српската православна црква го смета за потенцијална слабост на режимот. Затоа, Тито ја поддржува идејата за формирање посебна Македонска црква за да ја ослабне СПЦ и нејзиниот отпор кон неговиот режим на тој начин што ќе креира потешкотии за неа”, се вели во документот на ЦИА.

Разузнавачите потоа јасно посочуваат дека СПЦ под водство на патријархот Викентије Проданов се обидувала да спречи формирање независна автономна македонска црква. “Со оглед на тоа што македонскиот црковен сепаратизам оди рака под рака со идејата за национално отцепување, режимот на Тито не дава отворена поддршка за оваа идеја и дозволува независната Македонска црква и понатаму да биде сон на Македонците. Од друга страна, режимот на Тито дозволува Македонците отворено да поигруваат со оваа идеја со цел да и создаде потешкотии на СПЦ бидејќи по секоја цена сака да го намали влијанието на Српската православна црква врз српското население”, се вели во документот на ЦИА.

Advertisement