Вардар со победа над Висла ја стартуваше одбраната на титулата во ЛШ

Европскиот првак Вардар ја почна новата сезона во лигата на шампионите со триумф во гости, 26-22 (13-9) кај Висла Плоцк. Ова е прва победа на Вардар на гостувањата во Полска во лигата на шампионите во дуелите со Кјелце и Висла. Во меѓусебните дуели со Висла ова е трет триумф за Вардар во четирите меѓусебни дуели досега.

Во текот на целиот натпревар Вардар имаше водство, највисоко со четири голови, а само трипати Висла успеа да го израмни резултатот. Да не беа лошите пет минути на почетокот на вториот дел кога примивме четири гола по ред, имавме неколку загубени топки, и неколку нереализирани напади, ќе можевме да потврдиме за нашата супериорност и одлична игра, пред сѐ во одбрана.
Но, и вака Вардар ја покажа разликата во квалитет, имаше доволно концентрација кога беше најпотребно, и воопшто не подлегна ниту на притисокот, ниту на некои строги судиски одлуки, ниту пак кога Висла во 43 минута последен пат израмни на 15-15.

Средбата почна со наше водство од 5-2 во 8 минута, и само поради нашата послаба реализација во нападот не остваривме повисока предност. Висла намали на 8-9 во 23 минута, а Вардар со серија од 3-0 зголеми на 12-8. И повторно имавме период од неколку нереализирани напади по ред, но исто така и добра игра во одбрана не дозволувајќи му на противникот да постигне гол. Четирите голови предност на полувреме покажаа дека нема да дозволиме да си заминеме од Полска беа бодови.

Одбраната секако се покажа како наш посилен дел. Арпад Штербик средбата ја заврши со 12 одбранети топки, од што девет во второто полувреме. На наша поставена одбрана Висла тешко се снаоѓаше и нивното резултатско приближување беше во моменти кога поради технички грешки Полјаците имаа брза полуконтра.

Почетокот на второто полувреме донесе незивесност и зовривање на атмосферата. Домаќините се понадеваа дека можат да го победат европскиот првак. Брзо ја надополнија разликата од „минус 4″ и израмнија на 13-13 во 35 минута. Тоа беше период кога поради две технички грешки, и четири нереализирани напади Висла дојде до реми.Влегувањето на Лука Циндриќ донесе нов квалитет и Вардар повторно зголеми на 15-13. Но, нашата слаба реализиација повторно беше проблем бидејќи во следните четири минути имавме шест пропуштени шанси за гол. Полјаците израмнија на 15-15, но тоа беше последнен пат да се заканат.

Откако Раул Гонзалез побара тајм аут се разбуди Штербик, а Шишкарев, Циндриќ и Македа зголемија на 18-15, а на Чупиќ му поништија и гол од пенал поради престап. Разликата од „плус 4″ потоа повторно ја достигнавме, а Висла успеа само да намали на 19-21 во 57 минута.
Кога Вуко Борозан го постигна 23 гола за Вардар за водство 23-20 во 59 минута сѐ беше решено. Во последната минута имаше дури три гола, еден за Висла и два за Вардар, за потврда на триумфот, и тоа со четири голови, 26-22. Во следното коло во Скопје гостува Нант.