ВМРО-ДПМНЕ нема да го поддржи договорот со Бугарија

Централниот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека и покрај големата желба и искрена волја, партијата нема да биде во можност да го поддржи договорот со Бугарија. На синоќешната седница, членовите на Централниот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ оцениле дека е добро да се потпише Договор за добрососедство со Бугарија, заради зацврстување на соработката и пријателството меѓу државите и заради најавата на Бугарија дека поцврсто би го поддржала патот на Република Македонија кон полноправно членство во НАТО и Европската Унија.

„Од овие причини во времето кога ВМРО-ДПМНЕ ја предводеше Владата на Република Македонија, низ повеќе години водеше преговори за усогласување на текстот на договорот, активност која беше завршена освен за неколку прашања за кои не беше постигнат договор и се бараше взаемно прифатливо решение, се до моментот кога се постави новата марионетска влада во Република Македонија. Овие незатворени прашања се однесуваа на: барањето на Република Македонија како и во сите други договори на Република Македонија и Република Бугарија со сите други земји, да изостанат зборовите „согласно уставот“ кога станува збор за македонскиот јазик, со што ќе се отстранат наводите дека Република Бугарија дури 72 години по кодификацијата на македонскиот јазик, во 21-виот век не го признава македонскиот јазик и го смета за дијалект на бугарскиот, барањето на Република Бугарија за промена на учебниците по историја во Република Македонија со која де-факто македонската историја, македонските историски личности и настани ќе се претстават како дел од историјата на Република Бугарија, со што во целост во учебниците во училиштата за следните генерации ќе се избрише македонската историја и ќе се формира комисија во овој правец за следење на спроведувањето на оваа одредба, инсистирањето на Република Бугарија да стои во договорот дека Република Македонија и Република Бугарија имаат заедничка историја со заднина да се потврди тезата дека македонската историја е бугарска, што води кон тоа дека и Македонците се измислена нација од 1944 година наваму, и во тој контекст и барањето за заедничка прослава на историските настани и личности кои се автохтоно македонски како Илинденското востание, на пример и одредби во договорот со кои Македонија еднострано би се откажала од грижата за македонското национално малцинство во Бугарија“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Од таму велат дека ниту една од конструктивните забелешки на ВМРО-ДПМНЕ не е прифатена и сите спорни точки од договорот се прифатени согласно ставовите и позициите на Република Бугарија. „Оттука, доколку работите останат вакви, Централниот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ заклучи дека и покрај големата желба и искрена волја, ВМРО-ДПМНЕ нема да е во можност да даде поддршка на овој договор во Парламентот на Република Македонија“, велат од таму. Од партијата сметаат дека со сегашните одредби на овој договор, можеби не веднаш, но по една и повеќе години од неговото потпишување, во времето на неговото спроведување, Република Македонија ќе се соочи со сериозни проблеми, чие решавање ќе биде на штета на Република Македонија.

ВМРО-ДПМНЕ жали, како што велат, што двете преговарачки страни одлучија набрзина, без инклузивност на сите политички фактори и стручната фела и неземајќи ја предвид волјата на македонскиот народ да се склучи овој договор, со тоа ставајќи ја ВМРО-ДПМНЕ во позиција да не го поддржи договорот

Advertisement