Амбасадата на Македонија во Русија подари книги на московската Библиотека за странска литература

На 13 декември 2017, во пресрет на денот на основањето на Центарот на словенски култури во Москва, Амбасадата на Република Македонија ѝ подари книги на Библиотеката за странска литература. На средбата присуствуваа вонредниот и ополномоштен амбасадор на Република Македонија во Руската Федерација Гоце Карајанов и генералниот директор на Библиотеката за странска литература Вадим Дуда. Учесниците на средбата ја истакнаа важноста на размената на културните искуства на двете земји и продолжувањето на соработката во вид на одржување на месеци на културата (првиот Месец на македонската култура се одржа во октомври 2017 година во Русија), литературни и научни собири, концерти и слично.

Во продолжение на средбата раководителот на Центарот на словенски култури Јулија Созина му ја претстави на македонскиот амбасадор изложбата на дела испратени на конкурсот за постер. Амбасадорот особено ги истакна оние кои се инспирирани од „Азбуката на непослушните“ од Венко Андоновски. Овој македонски роман, како и многу други, веќе се дел од книжниот фонд на Центарот на словенски култури. Карајанов изрази уверување дека донирањето книги по повод секој роденден на Центарот ќе стане добра амбасадорска традиција, се вели во соопштението на Центарот на словенски култури.