Повик од 26 македонски историчари за одбрана на уставното име, јазикот и историјата

Дваесет и шест историчари, доктори по историски науки и универзитетски професори се спротивставуваат и ги отфрлаат обидите за, како што сметаат, редефинирање, промена и фалсификување на македонската историја, чија конечна цел, според нив, е уништување на македонската нација со сите нејзини идентитетски обележја.

Во писмо обраќање во врска со, како што наведуваат, актуелните состојби поврзани со идентитетските прашања, тие ја повикуваат македонската јавност да ги поддржи нивните барања за одбрана на уставното име, македонскиот јазик и македонската историја. Исправени пред конечната разрешница на македонското прашање, која може да биде со катастрофални последици за Република Македонија и македонскиот народ, ние, како македонски интелектуалци, историчари, универзитетски професори остро се спротивставуваме на обидите за промена на вековното историско име на нашата држава Република Македонија.

Се спротивставуваме и ги отфрламе обидите за редефинирање, промена и фалсификување на македонската историја-чијашто конечна цел е уништување на македонската нација со сите нејзини идентитетски обележја, пишува во писмото-обраќање на историчарите.

Тие ги повикуваат сите општествено-политички фактори во Република Македонија да застанат во одбраната на уставното име, македонскиот јазик и македонската историја. Како интелектуалци ја повикуваме власта и опозицијата во Република Македонија да постигнат единство околу македонските државни и национални интереси и да пристапат кон изготвување македонска државна стратегија во која јасно ќе бидат дефинирани столбовите на македонската државност за кои ќе нема никакви преговори, пишува во писмото-обраќање потпишано од 26 историчари.

Advertisement