Претседавачот на Претседателството на Босна и Херцеговина во дводневна официјална посета на Република Македонија

Претседавачот на Претседателството на Босна и Херцеговина, г. Иваниќ кој е во дводневна официјална посета на Република Македонија беше разговарано за односите меѓу двете земји и притоа, како што истакна претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, Република Македонија континуирано дава поддршка на територијалниот интегритет и суверенитет на Босна и Херцеговина, како и на евроинтеграцискиот процес на оваа земја.

„Сакам да изразам задоволство од нашите односи и на соработката кои ги карактеризираат традиционално силно пријателство и идентични ставови за развојот на меѓународната и регионалната соработка со заеднички стратегиски цели“, истакна претседателот Иванов. Претседавачот Иваниќ оцени дека односите меѓу двете земји се можеби најдобри во регионот и оти ниту во минатото, ниту сега нема отворени прашања.

Македонскиот претседател и босанскиот претседавач зборуваа за актуелните состојби во регионот, евроинтеграцискиот процес, за економската соработка во контекст на која утре ќе биде организиран бизнис форум во Скопје. Босна и Херцеговина е еден од најголемите економски партнери на Македонија а трговската размена изнесува приближно 155 милиони долари годишно. Исто така стана збор и за отворање авиолинија Скопје – Сараево, како и за спогодба за патување на државјаните од двете земји со лични карти.

Advertisement