Седумстотини и педесет години од сликањето на иконата „Св. Ѓорѓи“ во Струга

Со свечена архијерејска богослужба в недела (24 декември) во црквата „Св. Ѓорѓи“ во Струга свечено ќе се одбележат 750 години од сликањето на иконата на св. Ѓорѓи (1267-2017 г.), патронот и заштитник на црквата и на градот Струга. Иконата на св. Ѓорѓи ѝ припаѓа на групата од неколкуте најстари икони во Македонија и поседува особено културно-историско значење и високи стилско-ликовни и уметнички особености. Иконата на св. Ѓорѓи е насликана во 1267 година во Струга од зографот Јован, кој по потекло бил од Неаполис или Крстопол, на брегот на Пиерејскиот Залив, источно од Кавала, а ктитор што ја нарачал иконата бил референдумот на Охридската архиепископија, кој исто така се викал Јован. Овие основни податоци за иконата се содржани во ктиторскиот натпис испишан од задната страна на иконата.

Овие основни податоци за иконата се содржани во ктиторскиот натпис испишан од задната страна на иконата. Ктиторот, референдумот Јован, во историските извори од времето на 60-тите и 70-тите години на 13 век често се спомнува, и тоа секогаш во улога на ктитор-приложник или, пак, во улога на претставник на архиепископијата што бил задолжен за следење и организирање на уметничката активност во рамките на диецезата на Охридската архиепископија. Неговото име се спомнува и во ктиторскиот натпис во црквата „Св. Никола“ во Манастир, Мариово, од 1271 година, а се мисли дека тој е поврзан и со изградбата и живописувањето на црквата „Св. Архангел Михаил“ во Прилеп, која датира од осмата деценија на 13 век.

Иконата е влезена во сите значајни прегледи на византискиот иконопис од втората половина на 13 век и во каталозите на најубавите дела на средновековниот иконопис од Македонија. Откривањето на иконата во 1959 г. се совпаднаа со времето кога се правеа подготовките за големата изложба на иконите од Југославија, во рамките на 12-от Меѓународен конгрес на византолозите во Охрид, во 1961 година. На големата изложба од светско значење, во тремот на црквата „Св. Богородица Перивлепта“ во Охрид, своето место и го најде иконата на св. Ѓорѓи од 1267 г. и тогаш првпат се објави во обемниот каталог што ја придружуваше оваа исклучително значајна изложба. Набргу по изложбата во 1961 година, за иконата на св. Ѓорѓи од 1267 година, интерес пројавија не само историчарите на уметноста туку и историчарите и филолозите. Во годините што следуваа се исчита натписот од задната страна на иконата испишан во висок стил и во духот на најубавите традиции на византиската реторика.

Иконата денес е сведоштво за вековното опстојување на црквата „Св. Ѓорѓи“, црковно и духовно средиште на Струга. Денешната црква е изградена на местото од постарата и помала средновековна црква во 1835 година, со многу напори и пожртвуваност на струшките првенци и црковната општина. Резбаниот иконостас е изработен во духот на најубавите дела на мијачката копаничарска традиција во 1847 година, а престолните и празничните икони во 1849/1850. Живописана е во 1874 година од тајфата на браќата Макариеви од Галичник.

Advertisement