Началникот на Генералштабот на Вооружените сили на Италија во официјална посета на Армијата на Македонија

Началникот на Генералштабот на Вооружените сили на Италија, генерал Енцо Вeчиарели, на покана од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, престојува во официјална посета на Армијата на Македонија. Генералот Вечиарели, по пречекот со високи воени почести оствари средби со својот домаќин, генералот Ѓурчиновски и министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, по што следуваа официјални разговори во присуство на делегацијата на ГШ на Италија и персонал од ГШ на Армијата.

На состанокот во Генералштабот, покрај презентирање на мисијата и актуелните процеси кои се одвиваат во Армијата се разговараше на теми поврзани со процесите на интеграција и стандардизација по полноправното членство на Македонија во НАТО, како и разгледување на можностите за интензивирање на меѓусебната воена соработка и учеството во мировни мисии. За време на официјалните разговори, генералот Ѓурчиновски изрази благодарност за посетата и континуираната поддршка која доаѓа во еден важен период за нас, кога очекуваме полноправно членство во НАТО и кога со полн интензитет се спроведува процесот на трансформација на нашата Армија со цел потполна интеграција во НАТО структурата.

Генералот Вечиарели, истакна дека соработката помеѓу нашите армии е особено значајна, притоа посочувајќи дека соработката и поддршката ќе продолжат во сите полиња и во формат на сојузници. Воедно изрази уверување дека Македонија ќе има значајна улога за безбедноста на регионот и пошироко. По средбите во Генералштабот и посетата на Канцеларијата за врски на НАТО, генералот Вечиарели во придружба на генералот Ѓурчиновски, ќе оствари средба со Претседателот и врховен командант на вооружените сили на Македонија, Стево Пендаровски.

Посетата на највисоко ниво од страна на Генералштабот на Вооружените сили на Италија, која е меѓу најголемите и највлијателни земји на НАТО во Европа, покрај зајакнување на меѓусебните релации на воен план, претставува искажана доверба и признание за достигнатите стандарди во обученоста и интероперабилноста на Армијата на Македонија со армиите на земјите членки на НАТО. Покрај поддршката во областа на военото образование и обука од страна на ВС на Италија, од минатата година двајца наши припадници, штабни офицери, со кои го зголемивме учеството во мисијата „Унфил“, на Обединетите Нации во Либан, извршуваат задачи во состав на италијанскиот контингент.