Споменици – Спомен плоча на демократијата во Македонија

Светската цивилизација покрај културни споменици, разликува и споменици на терор и злосторства но и споменици на народни херои кои се бореле за слобода, мир, еднаквост, правo  и правда. Спомениците на терор и злосторства се градат со цел тие да сведочат за грозоморните случувања во минатото и воедно да не предупредуваат во нашите идни активности, додека вторите споменици се паметници за заслуги на луѓе и групи кои најчесто го жртвувале најскапоценото во својот живот со цел да се изборат за  вистинските вредности, за слобода, демократско општество, правна држава, посолидарно општество, човештво..

Берлин со својата биографија и историска специфичност е дефинитивно градот кој во себе ги содржи буквално сите вакви спомени и споменици. Покрај островот на музеи  (Museuminsel), комплекс од неколку музеи ( Pergamon Museum, Bode Museum, Humboldt Forum, Alte Nationalgalerie, Altes Museum, Neues Museum ) исполнет со културно,уметнички археолошки, историски споменици и артефакти  на германската, европска и светска цивилизација, во строгиот центар на Берлин, веднаш до Бранденбуршката Порта е распослан и „ Меморијалниот споменик на убиените Евреи од Европа“ познат и како меморијален споменик на Холокаустот. Остатоците од Берлинскиот Зид пак на друг начин се споменици за еден друг вид на терор, безумност, тоталитаризам, човечки трауми, поделеност…  За разлика од  горе споменатите споменици, еден од најпознатите и по мене најзначајни споменици во поновата историја на Германија е дефинитивно споменикот на народниот херој, полковникот Клаус фон Штауфенберг (Claus Philipp Maria Schenk Graf von Stauffenberg 15 Ноем.1907 – 21 July 1944). Се работи за  германски аристократ и одликуван армиски полковник на Вермахтот кој во текот на 2-та светска војна се бори во Полска,  на источниот фронт во  СССР и на африканскиот фронт во Тунис каде во борба го губи левото око и десната рака.

Во зенитот на моќта на Хитлер, кога неговата национал-социјалистичка партија  со газење на правилата и уставот, со диктаторско изживување во Рајхстагот преку носење закони  насила,  со закани, претепувања и заплашување на пратеници, брутално изживување и притисок врз неистомислениците, газење на правото и демократијата тотално го дерогира германскиот парламент (Рајхстагот). Во тоа време кога Фирерот беше опседнат со тоа по секоја цена да добие 2/3 мнозинство во парламентот, новинари беа брутално затварани и заменувани со партиски квази-новинари, интелектуалците протерувани и заменувани со партиски апологети-интелектуалци а корупцијата и митото беа на големо „легализирани“. Хитлеровата коалиција во Рајхстагот преку ужасни методи на репресија и диктаторски  варваризам  кон политичките противници во Март 1933 година сепак дојде до две третини пратеници од вкупната бројка од 876 пратеници (оваа рекордна бројка беше создадена непосредно пред изборите преку насилено прекројување односно зголемување на изборните окрузи од страна на НС – партијата). Тој ден почна најголемиот кошмар за Германија, Европа и светот, од тој ден престана да постои парламентаризмот  и започна еднопартискиот систем во Германија. Сопартијците на Хитлер иако свесни, знаејќи што точно прават, никогаш не превземаа иницијатива и не собраа храброст да застанат против лудилото на НС – Партијата и Фирерот. Со паѓањето на парламентот како највисока инстанца на демократијата и директен преставник на вољата на народот, беше отворен патот кон пеколот од кој до ден денес Германија се опоравува. Во Германија секако не постои ниту еден споменик за некој пратеник од оваа партија.

Анализирајќи ги овие случувања во диктаторска Германија неминовна е асоцијацијата со македонското собрание и начинот на функционирање на работата на македонските пратеници изминативе 3 мачни години. Доколку само се навратиме дека во нашата земја,  членка на НАТО и кандидат за влез во ЕУ, македонското Собранието на варварски начин ја збриша вољата на сопствениот народ и по распишан референдум го направи токму спротивното од вољата на народот, го промени уставот и уставното име на државата. Начинот на кој македонската владеачка партија заедно со  владината коалиција го направи тоа, неизбежно потсетува на Рајхстагот во Март 1933 година. Членовите на противничките политички партии беа соочени со измислени судски процеси, беа крвнички малтретирани и притворани пред своите деца и семејства, а пратенички права и овластувања им беа одземани. Добар дел од членовите на противничките политички партии беа под контролиран и фингиран притвор и брутално принудени да ги следат насоките и уцените на владеачката Партија! Процедурите, деловникот и законите во македонското собрание доживеаа парламентарен  Холокауст. Собранието беше место на  тотален варваризам, непознат за било која европска држава! Најбитните закони за државата беа носени без да бидат акцептирани стручните совети на експертите, без да бидат прифатени забелешки на Венецијанска Комисија, ОБСЕ, добронамерни странски Амбасадори и мнозинството на граѓанството. Во диктаторски стил, македонската владејачка Партија заедно со своите комформистички коалициони партнери и група на политички конвертити за прв пат во историјата на Македонија носеа закони што се против интересот на сопствените граѓани – избирачи а исклучиво и само во интерес на опстојување на владината коалиција и непреченото пљачкосување и  рекетирање на сопствените граѓани! Никој од владината коалиција не застана на патот на лудилото во кое се носеа штетни меѓународни договори за државата, се апсеа режисери и забрануваа филмови, беа ослободени илјадници криминалци и ладнокрвни убијци на малолетни деца од  затворите, се амнестираше криминал, корупција и непотизам…

Грофот Клаус фон Штауфенберг човек воспитан во пруско-аристократски дух, честит, достоинствен, со принципи и вредности, со огромен човечки и воен морал и етика, кој увидува дека ужасната состојба во политиката  се пресликува и на воено поле каде се истребуваат цели народи, ладнокрвно се убиваат недолжни цивили, беспомошни луѓе и безмилосно се пљачка по Европа (злато, пари, уметнички дела,артефакти и др.) увидел  дека Германија оди кон пропаст и се спрема да застане против НС- Партијата, да изврши државен удар. На 20 Јули 1944 година  Штауфенберг заедно со група истомисленици ја презема главната улога во операцијата (позната како Валкири – Valkyrie) во која извршува атентат врз Фирерот и неговото тесно раководство. Покрај неколку ранети и убиство на неколку луѓе, Фирерот се извлекува со лесни повреди. Истата вечер Штауфенберг  и останатите се стрелани. Денес, поради клучната улога на овој херој на секој 20 Јули,  Германија со должна почит го слави како германски национален херој и симбол на германскиот отпор против нацистичкиот варварски режим. Бројни улици и институции го носат неговото име а неговиот споменик кој се наоѓа во „Меморијалниот центар на германскиот отпор“ е светилник и потсетник за денешните и идните генерации дека во најмрачниот период на Германија имало достоинствени луѓе со вистински вредности кои се бореле против злото на Фирерот за силна, демократска Германија! За жал единствениот споменик кој македонската Влада и Собрание за овие 3 години го оставија зад себе е   споменикот на бугарскиот полковник Константин Карванлиев подигнат кај Дојран и тоа на иницијатива на бугарскиот Премиер Бојко Борисов./Ахил Големов