Најмалку 11 луѓе исчезнати во свлечиште во Норвешка (ВИДЕО)

Норвешки спасувачи користат дронови и кучиња во потрага по десет лица што денеска сè уште се водат како исчезнати, откако претходниот ден лизгање на земјиште на југот на земјата однесе дел од станбена област, повеќе од 12 згради. Десет лица се повредени, од кои едното опасно по живот, откако свлечиште го погоди станбениот дел на Ѓердрум, околу 30 километри северно од главниот град Осло, рано во средата.

Условите сѐ уште се тешки, бидејќи глинената почва е премногу нестабилна и студена. Утрово температурата беше минус 1.

„Ова сè уште е спасувачка операција“, изјави шефот на полицијата Даг Андре Силју за ТВ2, додавајќи дека таа ќе трае сѐ додека се смета за потребно.

Во текот на ноќта, полицијата користеше дронови со опрема за откривање преживеани во урнатините. Хеликоптери се обидуваа да ги спуштат војниците и полицајците со кучиња трагачи на структурите за кои се верува дека се доволно стабилни. Во текот на ноќта било спасено далматинско куче. По ова свлечиште, се појавија прашања зошто било дозволено градење во областа.

ТВ2 наведува дека геолошкото истражување спроведено за општинските власти во 2005 година покажало дека станува збор за област со висок ризик за свлечиште, но дека сепак се градат нови станбени згради три години по објавувањето на извештајот. Во една од ретките јавни изјави, норвешкиот крал Харалд рече дека неговите мисли се со оние што биле „погодени, повредени или изгубени дома и оние што сега живеат во страв и неизвесност“.