
Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев се сретна со претставници на Македонската горанска заедница на Косово, претседателот Авнија Рахте и секретарот/координатор Аце Димовски. На состанокот се поздравени интегративните политики на премиерот Заев и реализацијата на концептот „Едно општество за сите“. Констатирано е дека политиките на пријателство и дијалог на премиерот Заев се пример и силен поттик за соработка и почитување како меѓу граѓаните во државите од регионот, така и за добрососедските односи.
На состанокот е разговарано за помош и поддршка на некои проекти важни за Македонската горанска заедница на Косово, од страна на Владата во нашата држава, согласно законските можности. Соопштено е дека Македонската горанска заедница на Косово како невладина организација е регистрирана во октомври во 2007 година, со што е овозможена институционална соработка на Македонската горанска заедница којашто е традиционално присутна во Косово со тамошните власти. Соработката, како што е посочено се однесува на прашања од економски и социјален карактер, односно подобрување на животните услови на Македонската горанска заедница на Косово, како и за заштита, грижа и афирмација на македонскиот етнички, јазичен, културен, верски, историски континуитет и статус.
„Бидете уверени дека се грижиме и ќе се грижиме за сите граѓани, вклучувајќи ги и Македонската горанска заедница на Косово, кои живеат и работат во Косово, кои се мирољубиви луѓе и со својата конструктивност придонесуваат во мирот и во развојот во пошироки рамки“, рече премиерот Заев.
Македонски весник Илинден – Makedonski vesnik Ilinden