
Македонското друштво „Илинден“–Тирана во многу наврати има реагирано во однос на срамната и уценувачка политика на бугарските политичари во однос на Македонците во Албанија.
Познат е невидениот притисок кој бугарските политичари и пропагандисти го вршат врз Македонците во Албанија за тие да се изјаснуваат како Бугари. За таа цел, бугарската држава вложува огромна сума на пари во наводни добротворни акции во деловите од Албанија каде живеат Македонци. Така, познато е дека дури и европратеникот на Бугарија беше во посета на Општина Пустец, со цел да покаже колку многу им значат „Бугарите“ во Преспа, а кои воопшто ги нема.
Но, вистината излезе на виделина со објавениот документ од страна на Бугарската амбасада за тоа колку „Бугари“ се пријавиле за неодамнешните избори на народни пратеници во Бугарското собрание. На списокот има само 15 лица, а во нив влегуваат и вработените во нивната Амбасада.
Она што дниве го привлече нашето внимание е ФБ објавата на министерката за надворешни работи на Бугарија, Екатерина Захариева во однос на споменикот на хан Кубрат во Украина. Захариева, во неа пишува дека „Бугарија придава големо значење на заштитата на правата и историскиот и култуниот идентитет на 200-годишната бугарска заедница во Украина…“.
Објавата го покажува дека бугарските челници ја злоупотребуваат својата позиција во Европската Унија за присвојување на туѓата, македонска историја и нејзино прикажување како бугарска. Останува горчливото премолчување на Европската Унија кога нејзината членка, Грција посака покрај своето население Елини, тие да бидат и Грци и Македонци. Апелираме, Европската Унија повторно да не замижува пред крадењето на македонската историја и да не ги аминува уцените на Бугарите тие поктај Татари, Бугари да станат и Македонци. Оти така милуваат.
Замислете, Германец да посака да биде и Французин и да ја присвои француската историја, или обратно. Со туѓа историја се китат само оние кои немаат своја или се срамат од својата.
Во таа насока, Македонското друштво „Илинден“-Тирана ја поздравува загриженоста на министерот за надворешни работи на Бугарија, Екатерина Захариева за зачувување на корените на Бугарите, со оглед на историското наследство на бугарскиот народ. Веруваме, дека најпосле си ги прифати корените од кои се срамеше.
Со ваквата ФБ објава, Захариева ги погазува сите обвинувања кон Република Македонија кои Република Бугарија ги практикуваше во однос на тоа дека од страна на Македонците биле нарекувани Татари, независно што многу бугарски автори напишале стотици книги за татарското потекло на Бугарите.
Македонците, како народ со долга историја никогаш немале никаква допирна точка со татарските ханови, така што немаат ни потреба да повикуваат на зачувување на нивната историја. Наша задача е да реагираме на уништување на секој историски споменик, поради што го поздравуваме потегот на министерката Захариева.
ФБ објавата на Захариева треба да биде црвено светло и за Европската Унија која во минатиов период молчеше во однос на крајно уценувачките активности кон албанската Влада за измислување на непостоечко бугарско малцинство во Албанија. Воедно, ја повикуваме Европската Унија, која се декларира како заштитник на малцинските права, да се појави како заштитник и на Македонците во Албанија од секојдневните малтретирања на бугарската пропаганда во Преспа, Голо Брдо, Гора, Врбник и секаде каде што живеат и работат во Албанија.
Македонски весник Илинден – Makedonski vesnik Ilinden