Објавена книгата на д-р Мариа Дојче за дел од македонското малцинство во Албанија

Во издание на издавачката куќа „МЕНОРА“ од Скопје, Македонија дниве излезе од печат книгата на д-р Мариа Дојче со наслов „INTEGRIME HARMONIKE TË PAKICËS MAQEDONASE NË REPUBLIKËN E SHQIPËRISË. RASTI I PAKICËS MAQEDONASE NË ZONËN E PRESPËS DHE VËRNIKUT“ („ХАРМОНСКА ИНТЕГРАЦИЈА НА МАКЕДОНСКОТО МАЛЦИНСТВО ВО РЕПУБЛИКА АЛБАНИЈА. СЛУЧАЈ НА МАКЕДОНСКОТО МАЛЦИНСТВО ВО ОБЛАСТА ПРЕСПА И ВРБНИК“).

За публиката е важно да се каже дека д-р Мариа Дојче е предавач на социологија од 2011 година на Универзитетот „Фан С. Ноли“ Корча. Таа има завршено додипломски студии на Филозофскиот факултет на Универзитетот во Приштина, а постдипломски студии на Факултет за социјални науки на Универзитетот во Тирана. Д-р Дојче има спроведено и низа обуки на полето на позитивна психологија, ефективно родителство и критичко размислување на некои меѓународни универзитети како: Кент Универзитет, Универзитет Оксфорд и Универзитет Монаш. Д-р Дојче продолжува да придонесува за истражувањето подобрување на научната и  националната политика и за прашања на психокултурна интеграција на малцинско население кон мнозинското население. Таа има спроведено низа социо-психолошки студии за интеграција на националните малцинства во нашиот регион.

Во информацијата на издавачот „МЕНОРА“ стои дека: „Овој проект беше реализиран со несебична помош на м-р Васил Стерјовски, кој се заложи за објавување на едно од многуте, научни истражувања направени сред Македонците во преспанскиот крај во Албанија. Македонците во Преспа и во Врбник имале можност да соработуваат со д-р Мариа Дојче, која своите сознанија ги внела во овој труд. Како издавачка куќа имаме особено задоволство да ја продолжиме соработката со м-р Васил Стерјовски и да бидеме учесници во збогатувањето на библиотеката од книги за животот и активностите на Македонците во Албанија“.

Македонското друштво „Илинден“-Тирана го честита објавувањето на трудот  „INTEGRIME HARMONIKE TË PAKICËS MAQEDONASE NË REPUBLIKËN E SHQIPËRISË. RASTI I PAKICËS MAQEDONASE NË ZONËN E PRESPËS DHE VËRNIKUT“ („ХАРМОНСКА ИНТЕГРАЦИЈА НА МАКЕДОНСКОТО МАЛЦИНСТВО ВО РЕПУБЛИКА АЛБАНИЈА. СЛУЧАЈ НА МАКЕДОНСКОТО МАЛЦИНСТВО ВО ОБЛАСТА ПРЕСПА И ВРБНИК“). на албански јазик. Исто така, апелираме до македонската Влада да помогне со финансиски средства за  превод и објавување на оваа исклучително важна книга за Македонците во Албанија,  со цел нејзина достапност и до македонскиот читател. Секако, за меѓународна афирмација на животот на Македонците во Албанија, оваа книга би била многу полезна и во издание на англиски јазик.