Амбасадорката Ким по инцидентот во Елбасан побара спроведување на законот а од Мета, Рама и Баша воздржаност

По вооружениот инцидент што попладнево се случи во албанскиот град Елбасан, во кој беше убиен активист на владејачката социјалистичка партија, реагираше амерканската амбасадорка Јури Ким. Таа ги повика надлежните органи за спроведување на законот што побрзо и во целост да го испитаат инцидентот, да ги идентификуваат сторителите и да ги казнат со целата сила на законот.

Со посебно внимание ги следиме извештаите за насилството во Елбасан денес, кое заврши со смрт на едно лице уште неколку повредени. Ги повикуваме службените лица за спроведување на законот што побрзо и во целост да го испитаат овој инцидент, да ги идентификуваат сторителите и да ги казнат со целата сила на законот. Вклучените во вакво насилство треба да бидат казнети, стои во реакцијата.

Амбасадорката Ким побарала од претседателот Илир Мета, лидерот на социјалистите и премиер Еди Рама и лидерот на опозициските демократи, Љуљзим Баша да бидат воздржани и така да се однесуваат.

Нашите постапки треба да се засноваат на факти, а не на страв или озборувања. Кога само неколку дена не делат од изборите на 25 април, ја повторуваме нашата изјава од 26 март со која ги повикуваме лидерите – оние што се на власт и оние што бараат власт – експлицитно да го отфрлат насилството, се посочува во реакцијата. Амбасадата на САД во Тирана, порачува дека ќе продолжи внимателно да ја следи ситуацијата.