Светот го слави Денот на победата над фашизмот

Во светот денес се слави Денот на победата над фашизмот во Втората светска војна 9 мај, а церемониите по повод 76-годишнината од капитулацијата на нацистичка Германија се прилагодени на условите на пандемијата на коронавирусот.

Според руското Министерство за одбрана, повеќе од 12.000 војници, 191 единица воена копнена опрема, како и 76 авиони и хеликоптери учествуваат во парадата. На парадата командува Врховниот командант на копнената армија, генерал на армијата Олег Саyљуков, а присуствува и рускиот државен врв предводен од Владимир Путин и министерот за одбрана Сергеј Шојгу.

Денот на победата се слави и низ цела Европа, во спомен на жртвите и крајот на Втората светска војна, но и Денот на Европа поради почетокот на создавањето на заедницата на европските земји, пет години подоцна.

Втората светска војна заврши неколку месеци по 9 мај 1945 година, поточно на 2 септември, со безусловна капитулација на Јапонија откако САД фрлија атомски бомби врз Хирошима и Нагасаки. Војната започна на 1 септември 1939 година со германската инвазија на Полска. Ова е најсмртоносната војна во историјата на човештвото, бидејќи се верува дека загинале меѓу 50 и 75 милиони луѓе.