Владиката Партениј доби на дар комплет пасхални енколпии 

Владиката г. Партениј и игумен на Бигорскиот манастир, доби прекрасен дар-комплет архијерејски енколпии со претстави на распетието и воскресението Христово. Нашиот возљубен старец и игумен, епископот Антаниски г. Партениј, беше награден со уште еден прекрасен дар од свои духовни чеда. Станува збор за посебни пасхални енколпии, изработени во Грција, а подарени на старецот од неговите долгогодишни духовни чеда Деса Спироска од Скопје и Лиле Петрушевска од Битола со нејзиното благочестиво семејство – моментно населени во САД, информираше отец Кирил.

Додава дека овие убави архијерејски обележја Деса и Лиле му ги подариле на владиката г. Партениј во знак на „благодарност за неговата пастирска, духовничка грижа и за татковската љубов, со која долги години ги води во благодатните води на духовниот живот во Христа“. Деновиве владиката доби на дар прекрасна филигранска архијерејска панагија, дар од семејството Каневче од Охрид изработена во техниката филигран и украсена со преубави македонски рубини, како и архијерејска енколпија со распетието Христово, од семејството Трајковски од Скопје.

Владиката доби и архијерејска рачна енколпија, што се носи заедно со жезолот на пасхалните богослужби и архијерејска митра. Рачната енколпија на која е изобразено Воскресението Господово, му ја даруваа неговите духовни чеда и големи добротвори на нашата Обител, Иван и Сања Постоловски од Скопје, посочи отец Кирил. Владичката митра, пак, целосно рачно изработена од вештите раце на сестрите монахињи од манастрот „Свети Георгиј Победоносец“ во Рајчица, кои ја везеа повеќе месеци, е дар од Станоја и Мери Станојоски од Кичево.