
„Првото заседание на АСНОМ станува ‘единствен носител на народниот суверенитет на првата македонска држава’. Затоа и неслучајно во тогашните документи се вели: АСНОМ денеска има да каже и на цел свет, на пријатели и на непријатели, на сојузници и врагови, да после Самуила, а првпат во својата историја, македонскиот народ гради створуе своја држава. Македонската држава е реалност… денешен ИЛИНДЕН е не само прод’лжуене на илинденските традиции, ама нешто ново, поголемо, позначајно, кога се раѓа првата македонска држава, како резултат на тешката и крвава борба, на сеопштото народно востание“, вели историчарката, професор Наташа Котлар-Трајкова
Македонскиот народ годинава одбележува 118 години од Илинденското востание, кренато на 2 август 1903 и 77 години од Првото заседание на АСНОМ, одржано на 2 август 1944, двата Илиндени кои претставуваат столбови на македонската државност. Почнувајќи од крушевскиот манифест во 1903, во кој се соопштувало дека македонскиот народ се кренал на оружена борба против тиранската османлиска власт и насилниците…, дека востаниците не се разбојници, туку револуционери и дека во автономна Македонија сите ќе имаат еднакви права и слободи, а потоа и со декларацијата и решенијата на АСНОМ во 1944, поставени се темелите во борбата за слободна и праведна македонска држава.
„За нас Македонците, наспроти актуелните општествени, политички, економски, социјални предизвици, Илинденското востание и покрај неуспехот е настан од историско значење, затоа што во него беше внесена силна македонска, народна содржина. Скоро десетина години пред 1903 г. Македонската револуционерна организација (МРО, 1893 г.), која во своето постоење се именува и како Тајна (ТМОРО, 1896 г.) и како Внатрешна (ВМОРО, 1905 г.) го подготвува и организира македонскиот народ за борбата која требала да обезбеди национална, социјална, економска, културна и политичка слобода. Или како што Гоце Делчев постојано истакнувал, целта на македонската револуција е „слободна државичка“, а средството за постигнување на таа цел е „внатрешно востание“.
Иако предвремено, недоволно подготвено, со многу непријатели и нивни лоши намери, Илинденското востание е македонско востание по својата идејност – ослободување и создавање на македонска држава, накратко воспоставена со Крушевската Република…“, вели за весникот ВЕЧЕР историчарката, професор Наташа Котлар-Трајкова.
И во антифашистичката војна, македонскиот народ настапува со определбата за национално, политичко, воено, културно и економско ослободување и создавање на своја држава.
„Оваа историска прокламација, најмоќно прозвучува на 2 август 1944 година на Првото заседание на АСНОМ, кое станува ‘единствен носител на народниот суверенитет на првата македонска држава’. Затоа и неслучајно во тогашните документи се вели: АСНОМ денеска има да каже и на цел свет, на пријатели и на непријатели, на сојузници и врагови, да после Самуила, а прв пат во својата историја, македонскиот народ гради створуе своја држава. Македонската држава е реалност… денешен Илинден е не само прод’лжуене на илинденските традиции, ама нешто ново, поголемо, позначајно, кога се раѓа првата македонска држава, како резултат на тешката и крвава борба, на сеопштото народно востание.
“ Оттука е и Решението на Првото заседание на АСНОМ за прогласување на Илинден – 2 август за национален празник на сите Македонци: „Илинден – 2 август се прогласуе за народен државен празник на македонскиот народ и македонската држава, како симбол на сите негови борби за негово коначно ослободуене от вековното ропство и за создавање на слободна и суверена федерална македонска држава“, посочува Котлар -Трајкова.
Нека ни е честит и вековит празникот Илинден!
Македонски весник Илинден – Makedonski vesnik Ilinden