Од традиционалната Умилителна вечерна на простувањето г. Партениј посака благословена и добра Четириесетница

Епископ г. Партениј и игумен на свештената бигорска Обител, на синоќешната традиционалната Умилителна вечерна на простувањето, посака благословен пост и добра Четириесетница.

Најнапред, да му се заблагодариме, најмили мои, на Бога, што нè удостои и оваа година да стасаме до оваа прекрасна богослужба, наречена Умилителна вечерна на проштавањето, во навечерието на Светата и Велика Четириесетница. Постот е едно од средствата за стекнување на духовното богатство, единствено потребно на човекот. Светата Четириесетница е погодно и посебно благословено време кога се трудиме низ подвиг да го украсиме својот внатрешен храм со добродетели. Светиот и велик четириесетдневен пост е најстариот и најстрог пост во нашата света православна Црква, рече г. Партениј.

Додаде дека суштината на постот не е само промена на начинот на исхрана, а притоа да си мислиме дека правиме нешто особено важно.

Храната е само еден и можеби, најнезначителен сегмент. Најсуштествено во постот е воспитувањето на својот дух и неговото насочување кон Царството Небесно. Јасното и ревносно чувствување на желбата да се соединиме со Бога. Копнежот да оставиме зад нас сè што е земно и суетно и да почувствуваме како е да се биде жител на Небото. А да се биде жител на Небото значи да се живее со радоста во Христа, да се има мислата во љубовта Негова, зашто Самиот Он е Царството Небесно. Вистинската молитва претставува токму тоа: воздигнување на срцето кон Бога. Само на овој начин, кога на постот му пристапуваме со љубов и смирение, тој е навистина богоугоден. Во спротивно, доколку човек не општи со Христа, не Го чувствува во своето срце како радост, милост и добрина, прашање е дали воопшто би можел подолго време да издржи каков било подвиг, нагласи владиката.

Човештвото, рече тој, е разбранувано од немири и од злоба, а тие се резултат на непокајанието. Мирот, пак, оној вистинскиот, внатрешен мир, доаѓа само како плод на човечкото покајание.

Сведоци сме, за жал, на сè поголемо обезвреднување на човечкиот живот. Денес имаме една војна на православно тло. Секојдневно гинат луѓе – не само таму ами насекаде по светот. Да не забораваме дека

ние сме само гости на овој свет, поминуваме и заминуваме. Затоа гледајте вашиот пат да биде насочен кон небесната татковина. Да се трудиме, мили мои, со сите наши сили, духовни и телесни, да се воздржуваме од злото со пост и молитва и да се прилепуваме кон доброто, та да измолиме од нашиот преблаг спасител Господ Исус Христос да вдахне кај сите желба за покајание. Да се всели мирот во нашите души, во сите луѓе и на тој начин мирот да преовладее во светот. Нека милостивиот Христос Бог ни даде сили да го издржиме овој пост во богоугоден подвиг, во смирение и миротворство, за да се удостоиме со солзи да се поклониме на светиот крст Господов и на светата Пасха, во радост и во мир. Амин, посака владиката Партениј.

Порачува дека е неопходно христијаните за време на постот да се трудат во сите добродетели, пожртвувано да се даваат себеси за другите. Треба, додава тој, да се украсиме со најубавата добродетел – љубовта, која произлегува од верата и која ќе трае вечно.