Проф. д-р Катерина Тодороска: Пред и после Протоколот

ДЕЛ 1

Дниве сме преокупирани со еден документ кој нѝ го сервираа Европјаните, со кој секој може да види дека македонската држава и народ ќе постојат од 1945 година, а до кога ќе реши Бугарија. Секако, ваквата констатација не важи за оние кои не сакаат да го видат видливото со голо око.

Но, како и сè друго, така и овој Протокол има своја предисторија или последователност на настани кои довеле до него. Со оглед на тоа што повеќе ќе се задржам на Протоколот, кој македонската држава ја става во вазалска позиција на вазалската држава, членка на ЕУ, историјата ќе ја објаснам во најкуси можни црти.

При осамостојувањето на Република Македонија, после референдумот од 8 септември 1991 година, согласно нашата географска положба, македонскиот народ својата иднина ја гледаше во европското семејство.

Со оглед на тоа што од поранешните југословенски републики се создадоа нови самостојни држави, во европските институции беше формирана Арбитражна комисија за проценка на подготвеноста на државите за влез во Европската заедница.  „… Во јануари 1992 година беше изготвен извештајот на Арбитражната комисија на Европската заедница, во кој беше дадено мислење и за признавање на Република Македонија од страна на Европската заедница и на нејзините држави-членки. По разгледувањето на документите што ги достави Република Македонија, Арбитражната комисија, чиј претседавач беше Робер Бадентер, даде оценка дека Република Македонија ги задоволува условите предвидени за признаваше на нови држави“. (http://manu.edu.mk/clenovi_nadvor/робер-бадентер-robert-badinter/).

Секако, ваквиот извештај беше оган в стомак за соседните држави, Грција и Бугарија, во чии делови со децении живее потиснато македонско малцинство и држави на кои во 1913 година, од страна на Големите сили, денес европски, им беше подарен по значителен дел од етничката македонска територија. Веднаш реагираше Грција, како членка на Европската заедница која преку позитивните оценки за Македонија во извештајот на Бадинтер, се најде засегната од историската вистина. Користејќи го својот привилегиран статус на членка на бројни меѓународни асоцијации и секако, Њвропската зедница, Грција издејствува Република Македонија да добие ново име и нов „проценувачки“ документ наречен Лисабонска декларација. Во неа стои: „Европскиот совет на ЕЗ за поранешна Југославија (27. Ⅵ 1992), во која се изразува подготвеност за признавање на „ПЈРМ” во рамките на нејзините постојни граници, во согласност со Декларацијата од 16. Ⅻ 1991 г., под име што не го содржи поимот Македонија. (Декларација за Југославија, 27. Ⅵ 1992, „Меѓународна политика”, бр.1005-6/92). „Како резултат на грчкотото спротивставување на барањето на тогашната Република Македонија за полноправна членка на ОН, а врз основа на препораката од резолуцијата 817 (1993) на Советот за Безбедност на ОН,  државата на 8 април 1993 година беше примена како  членка на Обединетите нации,  со препорака времено да биде ословувана со референцата “поранешната Југословенска Република Македонија” сѐ до конечно решавање на разликата околу името. Генералниот секретар на Обединетите нации беше задолжен да помогне да се реши спорот, за која цел истиот назначи свој личен Претставник“. (https://mfa.gov.mk/mk/page/1504/prashanjeto-za-imeto).

Осознавајќи ја својата моќ за манипулирање на меѓународните институции, Грција го примени истиот принцип на дејствување и во следните децении, при што самата не ја почитуваше клаузулата од Резолуцијата дека нема да го стопира приемот на ПЈРМ во меѓународните тела под тоа име.

Но, македонските жители не гледаа своја иднина надвор од Европската заедница, која со Мастришкиот договор (потпишан во Мастрихт на 2 февруари 1992 год, со важност од 1 ноември 1993 година) прерасна во нов политички субјект Европска Унија. Членството во ЕУ стана единствен и најмоќен аргумент за историските измами на сите македонски политички елити во следните децении.

И додека македонските политичари во име на народот ги „користеа“ европските фондови, со невидено лицемерие се богатеа со пари од европските кредити наменети за народот. Истовремено, народот во чие име ги земаа кредитите со, никој не знае какви, камати почнаа да го делат на политичка профилација. Субвенции се делеа на „нашите“, во администрација се трупаа неадекватни кадри според критериумот „со наша партиска книшка“, се отвораа факултети/универзитети за да се здомат „нашите“, се делеа дипломи на „нашите“ итн.

Според многугодишните обинувања, кои меѓусебно си ги упатуваа политичарите на македонската политичка сцена, можеше да се извлече заклучок дека македонската држава стана Ел Дорадо на Балканот за криминалците и мафијашите. И при тоа, ниту еден од тие едорадовци ниту беше осомничен, ниту затворен бидејќи „допрениот глас“ не допираше до јавните обвинители на другарчињата од спротивниот политички табот, кој и да беше на власт. Така, здужно си работеа во име на народот, а за доброто на сопствените џебови.

Во меѓувреме, постојано Европа им беше лижалката за залажување на народот, бидејќи требаше да се одвлече вниманието од растечката сиромаштија. И со децении, за жал, успеваат да бидат енормно богати властодршци на енормно сиромашен народ.

Така, измамата со македонскиот влез во ЕУ и со сктининзите, стана децениска лектира во нашите животи, додека нејзината хронологија оди вака, секако со прескокнувања бидејќи е преобемна за ваков текст.

– 2005 година: Република Македонија, согласно Европскиот совет добива статус на земја кандидат за членство во Европската унија.

– јануари 2009 година: Секретарјатот за европски прашања при Владата на Република Македонија изготвува брошура „Преговори за членство во Европската унија“. Според потписникот на предговорот, Ивица Боцевски „Оваа брошура претставува обид одблиску да ја запознаеме јавноста со фазите на преговорачкиот процес и со механизмите според кои се водат преговорите, со надеж дека секој од нас, во својата средина, ќе го даде својот придонес кон заедничката цел – членство во ЕУ“ (https://www.sep.gov.mk/data/file/Publikacii/pregovori-za-clenstvo.pdf). Имајќи го предвид „ефектот“ од брошурата, претпоставувам дека бил добар финансиски потег за нарачателите.

– 17 април 2018 година:  Европската комисија препорача Македонија да ги почне преговорите за членство во Европската унија, соопшти попладнево на прес-конференција еврокомесарот Јоханес Хан, презентирајќи го извештајот на напредокот на земјата.

Препораката се базира на направената длабока анализа. Сторено е многу и тоа треба да биде пофалено, а ЕУ треба соодветно да одговори на тие напори, рече Хан.

Порача рефорите да продолжат – во јавната админситрација, борбата со корупцијата и организираниот криминал, а особено во судството.

Истакна дека политиката за проширување на ЕУ носи резултати, а земјите од Западен Балкан повторно ја потврдија својата европска иднина. Европската комисија, како што посочи, за тоа ги награди Македонија и Албанија со препорака за почнување на пристапните преговори. (https://civilmedia.mk/jek-prporatcha-makdonia-da-gi-potchn-prgovorit-za-tchlnstvo-vo-jeu/).

– 17 јуни 2018 година: Потпишана КОНЕЧНА СПОГОДБА ЗА РЕШАВАЊЕ НА РАЗЛИКИТЕ ОПИШАНИ ВО РЕЗОЛУЦИИТЕ 817 (1993) И 845 (1993) НА СОВЕТОТ ЗА БЕЗБЕДНОСТ НА ОБЕДИНЕТИТЕ НАЦИИ, ЗА ПРЕСТАНУВАЊЕ НА ВАЖНОСТА НА ПРИВРЕМЕНАТА СПОГОДБА ОД 1995 г. И ЗА ВОСПОСТАВУВАЊЕ НА СТРАТЕШКО ПАРТНЕРСТВО МЕЃУ СТРАНИТЕ. Или, за да му замачкаат очи на народот, самонаречениот Преспански договор. Конечната спогодба е потпишана меѓу: „ Првата страна, Грција („Првата страна“) и Втората страна, која беше примена во Обединетите нации согласно резолуцијата 47/225 од 8 април 1993 г. на Генералното собрание на Обединетите нации („Втората страна”), заедно именувани како „Страните“ (https://vlada.mk/node/17422).

 Иако оваа Конечна спогодба требаше да влезе на сила од 12 февруари 2019 година, политполтроните во Македонија веднаш се зафатија за применување на одредбите на спогодбата.

– 26 јуни 2018 година прочитавме: „Во авион штотуку примив одлична вест… Република Македонија доби датум за старт на преговори за членство во ЕУ. Советот на министри за надворешни работи на земјите членки на ЕУ, на денешната седница донесе одлука од јуни 2019 г. да започнат преговорите за членство на Република Македонија во ЕУ.

Сега граѓаните на Република Македонија можат да кажат силно и слободно – Да, за Европска Македонија!“, напиша македонскиот премиер Зоран Заев на својот фејсбук-профил (https://www.mkd.mk/makedonija/politika/zaev-vo-avion-so-osmani-dimitrov-i-angjushev-ja-docheka-vesta-za-datumot-za).

–28 јуни 2018 година: Ексклузивно: почнуваме со СКРИНИНГ за две недели. Ова ги надмина и нашите најоптимистични очекувања. Благодарност до Европската

Комисија и Комесарот Хан.

Честитки до сите! (Bujar Osmani, ФБ профил, 28 Jun 2018).

– 27 септември 2018 година: Скрининг процесот започна. Со среќа нека нѝ е, ќе дадеме се од себе за европска Македонија. (Рената Дескоска, ФБ профил, September 27, 2018 at 9:20 AM)

– 30 септември 2018 година – Граѓаните на Република Македонија на референдум се изјаснија на прашањето „Дали сте за членство во НАТО и ЕУ со прифаќање на договорот меѓу Македонија и Грција“. И после четири години сѐ уште македонските граѓани сењ замајуваат со почетокот на преговорите за ЕУ.

– 14 јуни 2019 година: Најтрагичното нешто е што денеска говориме дека ќе добиеме датум во октомври, но во август минатата година беа потрошени над 100 000 евра за прослава за добивање на датум за преговори, истакна Владимир Нелоски (https://time.mk/c/ec27dabd2f/za-proslavata-na-datumot-za-pocetok-na-pregovorite-so-eu-lani-se-potrosija-nad-100-iljadi-evra.html).

– 12 октомври 2019 година: „…. на јунскиот самит на ЕУ се побара одложување на одлуката за почеток на преговори заради тоа што беа многу блиску парламентарните избори и националните парламенти немаа време да дискутираат по Извештајот на ЕУ за нашата земја.

-Сфативме, во ред е, но направивме дипломатска активност во којашто баравме од канцелараката Меркел, од Бундестагот и од лидерите на другите земји ако е веќе октомври, да биде октомври. И тогаш го добивме зборот од сите. Бундесатогот прати порака и ја заврши својата работа. Верувам и во претседателот Макрон. Легитимна е дебатата за реформи во ЕУ, таа мора да се менува и да опстане како лидер на светско ниво во делот на вредностите, на демократијата, компетативноста,…, но тоа може да се случува паралелно со процесот на проширување. Очекувам на октомврискиот самит дека ќе се разговара за Брегзит и за реформите во ЕУ, но и за проширување на Западен Балкан и за нашата земја, посочи Заев“. (https://kanal5.com.mk/zaev-ubeden-sum-deka-na-17-i-18-oktomvri-kje-dobieme-datum-za-pochetok-na-pregovori-so-eu/a392959)

– 1 ноември 2019 година: Владата одвоила 325.000 евра за кампања по повод добивање датум за преговори со ЕУ. (https://emagazin.mk/vladata-odvoila-325-000-evra-za-kampa-a-po-povod-dobiva-e-datum-za-pregovori-so-eu/). Секако, никој не знае за што се потрошиле овие народни пари.

– 24 март 2020 година: Донесена е одлука! Македонија почнува преговори за членство во Европската Унија. Историска одлука во овие тепки времиња за нашиот народ, порача денеска претседателот на СДСМ Зоран Заев на својот фејсбук профил.

Тој додаде дека нема веќе никакви пречки ниту услови. Европската Комисија, според него, треба да ги спроведе подготовките, а првата меѓувладина конференција ќе се одржи најбрзо што може.

Честитки граѓани, како што успеавме да се кренеме на патот до НАТО и ЕУ, така заедно ќе се справиме и со заразата која го напаѓа светот, напиша Заев на фејсбук“. (https://mia.mk/zaev-donesena-e-odluka-severna-makedoni-a-pochnuva-pregovori-za-chlenstvo-vo-eu/)

– 8 јули 2020 година: Оваа година ја направивме направивме навистина да биде историска. Станавме членка на НАТО, после 30 години зборување ние кажавме зборот е збор и ние веќе сме во НАТО. Зборот е збор и ние госдинава го добивме почетокот на преговори со ЕУ, рече потпретседателката на СДСМ Радмила Шеќеринска. (https://mia.mk/shekerinska-iz-avata-na-merkel-e-potvrda-deka-sme-na-prav-pat-i-mozheme/).

– 11 јули 2022 година: „Како лажна вест велат дека нема да почнеме, нема да стартуваме со преговори. И во преговарачка рамка и во сите документи, но и изјавите од сите наши пријатели од меѓународната заедница, од демократските земји, се вели дека веднаш ќе почнеме со преговори. И сега кому да му веруваме? На лажните вести или на претставниците на нашите институции и на нашите меѓународни пријатели со кои заедно рамо до рамо сме ги постигнале сите успеси на оваа држава“, рече Адеми по денешната координација за Информацијата за Предлог-преговарачката рамка.

Тој нагласи дека протоколот со Бугарија кога ќе биде финализиран, ќе биде потпишан и благовремено ќе споделен со целата јавност. (https://lokalno.mk/ademi-lazhna-vest-e-deka-nema-da-pochneme-vednash-so-pregovori-so-eu/).

– 13 јули 2022 година: Шефот на дипломатијата, Бујар Османи за ТВ24 изјави дека протоколот ќе биде објавен пред да биде ставен потпис на него.

„Ветувам, протоколот ќе го објавиме пред да ставиме потпис“, рече Османи.

Додаде дека јавноста ќе биде информирана, а сега се договараат принципите. Рече дека протоколот не е целосно усогласен и дека тоа е записник од средба која ќе се одржи. (https://www.slobodnaevropa.mk/a/31942031.html).

– 21 јули 2022 година: „Де јуре и де факто, процесот започна пред два дена на 19 јули кога ја одржавме првата меѓувладина конференција која ја означува последната етапа од нашиот пат кон полноправно членство во Европската Унија“, рече Маричиќ (https://www.mkd.mk/makedonija/politika/marichikj-pregovorite-pochnaa-skriningot-treba-da-zavrshi-vo-noemvri-2023-godina?fbclid=IwAR2PIf5GPnTp3frXzvYmfLn_opDGGP-wR6hSvgfTydrmeuNm9WaoDBy4Hys)

– 21 јули 2022 година: „Европската Унија посочи дека ‘ја започна фазата за отворање на пристапните преговори со Македонија‘, а ги отвори пристапните преговори со Албанија‘. Ова би значело дека Македонија нема да преговара се додека не го промени Уставот и ги вметне Бугарите, согласно барањето во протоколот“.

https://a1on.mk/macedonia/eu-izvesti-deka-pregovori-ne-se-zapochnati-a-marichikj-deka-sme-vo-faza-na-zatvoranje-na-otvorachkiot-del/?swcfpc=1&fbclid=IwAR0s0jCl0TkAwKHLVwvG_lXJGAyjgcpoTUXpmkz_JL5O4GPJGcwL5IacTnw).

Се разбира, историјатот на македонската голгота наречена „почеток на преговори за влез во Европската унија“ сѐ уште трае. И само оние што при очи не гледаат, при уши не слушаат, само ним не им е јасна подмолната игра со која нам нѝ се доделува статус на вазали на вазалната европска држава.

Тоа најдобро е отсликано во т.н. Протокол, кој во основа е предвреме направен записник за одглумен заеднички состанок, на кој вазалот на европските вазали, потпишал дека е пресреќен вазал.