Вселенската Патријаршија им додели високи свештенички достоинства на свештеници на МПЦ-ОА

На празникот Цветници, свештеници на Македонска Православна Црква – Охридската Архиепископија беа удостоени со највисока чест и со свештени достоинства од страна на вселенскиот патријарх. г.г. Вартоломеј.

Удостојувањето се одржа на островот Имврос, под пастирско раководство на митрополитот на Имврос и на Тенедос, г. Кирил, во храмот на „Светиот Великомаченик Георгиј Победоносец“, каде од рацете на патријархот Вартоломеј, а со благослов на неговото блаженство г.г. Стефан и на надлежниот митрополит, г. Тимотеј, во високото достоинство, чинот протопрезвитери (протојереи-ставрофори) на Вселенскиот патријаршиски престол беа назначени веќе произведените протојереи Никола Христоски, секретар на Дебарско-кичевската епархија и отците Димче Ѓорѓиевски и Кирил Јовановски од Дебарско-кичевската епархија.

Јеромонасите Кирил Деловски и Анатолиј Лазески од Бигорскиот манастир беа ракопроизведени во највисоката монашка титула во Црквата, архимандрити на Вселенскиот патријаршиски престол, а свештениците Бобан Митевски од Скопската епархија, Александар Димовски од Дебарско-кичевската епархија и Симеон Кантурски од Струмичката епархија, пак, беа удостоени со чинот протопрезвитери на Вселенскиот патријаршиски трон.

Во обраќањето по свештените ракопроизведувања и одликувања, патријархот Вартоломеј упати повик до свештенството да застане околу светата Трпеза на Сечесниот патријаршиски храм и да се причести со пречистите Тајни, објавувајќи го на тој начин единството на верата во врската на љубовта.

Денеска во нашето село, во нашево место, во Имврос, имаме одбрани посетители, браќа од странство, од Охридската Архиепископија, од Македонија. Дојдоа, за да ја принесат својата почит кон Светата Велика Христова Црква, во лицето на вселенскиот патријарх, Црква, која како вистинска Мајка, го прегрна и тој народ и таа Црква, која речиси седумдесет години беше отсечена од телото на останатото Православие, без општење со другите православни Цркви, порача вселенскиот патријарх.

Г.г. Вартоломеј потенцира дека во случајот со нашата Црква, Вселенската Патријаршија повторно „како што направи и во којзнае колку соодветни случаи низ историјата, го востанови општењето со овие наши браќа и сестри, Христијаните од Македонија, да ги воведе во заедништво со останатиот православен свет“.