
На 4 мај 2023 година Институтот за национална историја одбележа 120 години од погибијата на Гоце Делчев со претставувањето на Зборникот посветен на 150 годишнината од неговото раѓање пред македонската јавност.
Секако, во таа прилика неопходно беше да се подвлече дека денес историјата и историчарите во Република Македонија се претставени како кочничари на „убавото утре“ во кое македонскиот народ ќе треба да се претопува до целосно исчезнување. Она што го содржи овој Зборник е најдобар показател дека македонската држава има капацитет да се спротистави на самоуништувачкиот тек на работите, протежиран од одредени индивидуи.
Со цел, ова претставување да не остане само во салата каде се претставуваше Зборникот во МАНУ, решив истото да го прочита поголем круг на заинтересирани за темите за Гоце Делчев.
Повелете.
Епохата во која живеел и дејствувал Гоце Делчев е обработена во голем број историски трудови од македонски и од странски автори посветени на Македонија, на македонското прашање, на македонскиот народ и на македонското револуционерно движење, а во тој контекст и делчевиот лик. Овој факт го одразува и неговиот неспорен придонес во идеите за создавање на современата македонска држава, а неговиот ангажман остава белег на многу полиња од нашето денешно живеење и е трајно вграден во колективната меморија на македонскиот народ.
Денес кога се навршуваат 120 години од погибијата на Гоце Делчев, ние говориме и за 150 годишнината од неговото раѓање, која ја чествувавме минатата година. Ние како горди потомци на Гоцета, на најдостоинствен начин, му се оддолжуваме за жртвата што ја дал за нас и нашата слободна македонска држава. На тој начин, се редиме во редот на сите оние кои со децении ги истражувале, пишувале и овековечувале делчевите лик и дело. А бидејќи ние сме научници и учители, нам најдобро познат начин за овековечување на ликот на Гоце Делчев нѝ е вистината преточена во статии.
Пред нас, денес стои Зборникот насловен „150 години од раѓањето на Гоце Делчев“, Зборник на трудови од истоимената научна Конференција одржана на 3 и 4 мај 2022 година, Зборник со многу куса, но многу богата историја.
Самиот чин на одржувањето на Kонференцијата и појавувањето на овој Зборник ќе бидат запаметени како чин на „пркос“, бидејќи досега сите вакви манифестации имале поддршка од официјалните власти. Но, тоа не беше случај со спомнатата Конференција. Излегувањето на Зборникот е резултат на заедничките напори на сите оние кои сметаат дека делото на Гоце треба да се почитува и активно да живее меѓу Македонците.
Уште на почетокот ја спомнав богатата продукција на македонската и светската историографија во врска со Гоце Делчев. И сигурно се прашувате по што се одликува овој Зборник од сите тие трудови? Ќе речам, по многу нешта. Имено, Зборникот е богат со оригинални трудови во кои се презентирани најновите сознанија на авторите во врска со ликот, делото и споменот за Гоце Делчев. Зборникот изобилува не само со новоткриени факти, туку во него се застапени трудови во кои се применуваат нови пристапи, нови по методологија, а единствени бидејќи се задржуваат на неразботени теми. За тоа говори и фактот што во Зборникот пред нас, застапени се трудови на историчари, јазичари, музеолози, политиколози, практичари во образовниот систем. Еве неколку примери. Во последно време, често слушаме дека Гоце Делчев го предавал бугарскиот јазик во Егзархиско училиште, па тоа го прави Бугарин. Но, се прикрива вистината дека Гоце Делчев бил извонреден познавач и на францускиот јазик и предавал и француски јазик, што не го прави Французин. Исто така, новокомпонираните тези дека Делчев припаѓа на бугарската историја се коси со вистината кога темелно ќе се осознае голготата на неговите мошти и искрената желба на неговите соборци, моштите да почиваат во главниот град на слободната македонска држава. Во текстовите ќе прочитате како македонскиот народ го опевал својот даскал, во Македонија и во Албанија, колку и какви спомен обележја му посветил, колку неговиот лик е застапен во драмските текстови, а колку во образовниот систем во Република Македонија. Сето тоа, богато поткрепено со факсимили од оригинални документи и фотографии.
Бројни се аргументите кои во овој Зборник ќе ја покажат бесцелноста на одработувачите на туѓите интереси да му ги откорнат корените на Гоце Делчев од Егејска Македонија. Така што, преку текстовите содржани во Зборникот, своето знаење со нови сознанија можат да го збогатат историчари, јазичари, социолози, политиколози, етнолози и сите други заинтересирани за теми поврзани со Гоце Делчев. Затоа, искрено веруваме дека Зборникот што денес го ставаме на судот на јавноста, ќе ги исполни очекувањата на читателите.
Во приликава, чинам за пригодно да подвлечам дека историографијата во Македонија долги години е ставена во состојба на хибернација поради незаинтересираноста за финансирање на научната работа општо, па соодветно и историската наука. Македонската историографија иако е богата со бројни изданија посветени на ликот и делото на Гоце Делчев, сепак треба да се подвлече дека историјата е динамична наука зависна од истражувања. Низ странските архиви има уште материјали кои можат да расветлат некои нерасветлени активности на Гоце Делчев. Ние, како научници имаме задача да истражуваме и да ги обзнануваме најновите сознанија во однос на македонската историја, македонскиот јазик, македонската традиција, а сѐ што нѝ треба се финансии, за да можеме да одговориме на нашите работни обврски.
Трудовите во овој Зборник кои се произлезени од истражувања и кои се однесуваат на ликот и делото на Гоце Делчев од различна перспектива, говорат за него како неисцрпна инспирација. Да посакаме да имаме можност за многу истражувања, отворање на архивите во соседните држави за нашите истражувачи и секако, нови трудови и зборници.
Нека ми биде дозволено во пригодава да проговорам за Данко кој е херој во делото на Горки „Старицата Изергил“. Станува збор за силен млад човек кој го карактеризира човекољубие и самопожртвуваност во име на добрите цели. Данко решил да го води човечкото племе низ густата шума, но започнале немири меѓу членовите на племето бидејќи во темнината не гледале светла точка како излез. Тогаш Данко, за да го спаси човечкиот род, си го откинал срцето од сопствените гради и им го осветлил патот на луѓето.
Нашиот национален Данко е Гоце Делчев. Денес, огненото срце на Гоце треба да нѝ го осветли патот низ достоинствена, горда Македонија, во која треба да живееме заедно, а не едни покрај други. Затоа, не смееме да дозволиме индивидуи да ја згаснат светлината на гоцевото срце.
Вечна му благодарност и вечен да е споменот за македонскиот апостол, Гоце Делчев.
Благодарам.
Македонски весник Илинден – Makedonski vesnik Ilinden