Двајца загинати и 19 повредени откако мексикански воен брод удри во Бруклинскиот мост во Њујорк (ВИДЕО+ФОТО)

Фото: EPA-EFE/PORTER BINKS

Брод за обука на мексиканската морнарица удри синоќа во Бруклинскиот мост во Њујорк при што загинаа две лица, а 19 се повредени, од кои две потешко. Три од јарболите на пловилото удриле во култниот мост.

Минувачите кои уживаа во пролетната вечер покрај Ист Ривер со чудење го гледаа бродот како се упатува кон мостот со кренати едра и вклучени светла, а јарболите се превисоко кренати.

„Големиот мексикански воен брод ‘Куаутемок’ остана без погон и удри во Бруклинскиот мост. Од 277 лица на бродот, 19 се повредени, од кои двајца се во критична состојба, додека двајца, за жал, им подлегнаа на повредите“,

Вилсон Арамболес, началник за специјални операции во Полициската управа на Њујорк, изјави дека бродот го изгубил погонот додека капетанот маневрирал, упатувајќи го пловилото кон потпорен столб на бруклинската страна од мостот.

Фото: EPA-EFE/PORTER BINKS

Очевидци на настанот раскажуваат за паниката на бродот што ја забележале.„На една од платформите имаше човек кој им сигнализираше на луѓето да се оддалечат од мостот на кој бевме“,

Никој на бродот не паднал во вода, па затоа немало потреба да се активира таква спасувачка операција, соопшти морнарицата.

Според „Њујорк пост“, повредените биле итно префрлени во локалните болници. Поради несреќата, мостот беше затворен околу 40 минути.

Мексиканската претседателка Клаудија Шајнбаум изрази длабока тага по оваа несреќа.

„Длабоко сме ожалостени од загубата на двајца членови на екипажот во оваа трагична несреќа“, напиша Шајнбаум на Икс.