Македонскиот национален совет во Србија идентитетот не исчезнува со амандмани, ниту се потврдува со туѓо одобрување тој се живее, се зборува, се создава и се пренесува

Македонскиот национален совет во Република Србија со внимание го следи процесот на европска интеграција на Република Македонија, кој не е значаен само за граѓаните на таа држава, туку и за сите Македонци во регионот и во дијаспората.

Во таа насока, со жалење констатираме дека во изгласаниот Извештај недостасуваат клучни референци поврзани со македонскиот јазик и идентитет, што предизвикува загриженост кај нашата заедница.

Македонскиот јазик, култура и идентитет се историски реалности, кои се темел на колективното постоење на македонскиот народ. Националниот идентитет не е предмет на преговори, ниту прашање на туѓо признавање. Идентитетот не исчезнува со амандмани, ниту се потврдува со туѓо одобрување – тој се живее, се зборува, се создава и се пренесува.

Како институција која во Република Србија се грижи за образованието, културата, службената употреба на македонскиот јазик и неговото писмо и информирањето на македонската заедница, истакнуваме дека во нашата средина македонскиот јазик се учи, се говори и се негува со љубов и одговорност – во училишта, здруженија, културни центри и медиуми. Над 300 ученици редовно го изучуваат како изборен предмет, а во изминатите 20 години се објавени учебници, книги, монографии, речници, списанија, тв и радио емисии, портали, а се одржуваат и разни манифестации, настани и фестивали.

Во оваа смисла, ги охрабруваме европските институции да покажат сензитивност, интегритет и поддршка кон зачувувањето на културниот и јазичен идентитет на сите народи, особено кога тие се во процес на европска интеграција.

Воедно, сакаме да истакнеме дека одговорноста за ваквата состојба не е само на европските институции и политички притисоци, туку и на македонските политички претставници, кои имаат обврска со јасен и достоинствен став да ги застапуваат интересите на својот народ, вклучително и јазичните и идентитетските прашања, без отстапки кои би довеле до историско негирање – стои во соопштението на Македонскиот национален совет во Република Србија.