
За првпат пред македонската и светската јавност се афирмираат изворната античка македонска архитектура и урбанизам
„Матица македонска“ ќе ја промовира монографијата „Античка македонска архитектура и урбанизам“ од Меланија Шерденковска што ја објави неодамна, а со којашто за првпат, на научно ниво, детално се анализираат и пред стручната и пошироката македонска и светска јавност се презентираат карактеристиките на изворната античка македонска архитектура и урбанизам. Промоцијата ќе се одржи утре, 25 септември 2025 година (среда), во мултимедијалниот центар „Матица ексклузив“, со почеток во 19 часот. Промотор на ова капитално дело ќе биде проф. д-р Небојша Гаџиќ, од Архитектонскиот факултет во Белград, којшто воедно е и еден од рецензентите на монографијата.
Посебно треба да се истакне дека проблематиката на архитектурата, како и урбанизмот од античкитот период во Македонија, досега многу малку се истражувани, во една ваква форма, односно едно комплетно дело, коешто се однесува само на посочената проблематика… …сега се добиени цврсти, сигурни и експлицитни заклучни разгледувања, кои стануваат дел од нашата поширока научна и стручна мисла и придонесуваат за нејзиниот развој… Овој труд преставува исклучително вреден придонес во развојот на научната мисла од областа на историјата на архитектурата, особено што истиот се однесува на античкиот македоснки период, време кое досега скоро воопшто не е истражувано, посебно не во таков обем и низ една детална анализа. …Сметаме дека книгата ќе наиде на позитивен одзив и исклучително голем интерес кај пошироката стручна јавност, која се занимава со архитектура, историја на архитектура и историја на уметност, нагласува меѓу другото Гаџиќ во својата рецензијата
Тој и истакнува дека анализите, согледбите и заклучоците од оваа монографија ќе станат незаобиколна литература, и неопходна материја, којашто студентите по археологија, историја на уметност и архитектура ќе мораат да ја совладаат. Со оваа монографија, посебно се поставува потребата низ едно уште посеопфатно истражување да се верификува овој период и севкупната архитектура на античките Македонци, на светско ниво, со сосема заслужениот термин – античка македонска архитектура и урбанизам, односно античка македонска култура, како што е подвлечено во една од рецензиите за монографијата.
Професорот Гаџиќ и подвлекува дека оваа монографија е важна не само за истражувачите и институциите кои се занимаваат со архитектонско наследство, туку и за општата, поширока читателска публика, бидејќи предметот што се покрива има силна културна и национална компонента. Со тоа, и оваа монографија се вбројува меѓу изданијата на „Матица македонска“ коишто треба да ги има во секој дом, но и на полиците на сите специјализирани и референтни библиотеки во светот.
Во истражувањето коешто резултира со оваа монографија, главниот метод применет од Меланија Шерденковска е компаративната анализата, којшто со оглед на темата која е обработувана е оценет и како најсоодветен метод. Применет е и историскиот метод, низ еден конкретна анализа на развојот на архитектурата и урбанзимот во античка Македонија, како и историските прилики низ кои таа се развива, како и методот на синтеза низ кој се поставени општите карактеристики на античката македонска архтиектура и урбанизам, но и крајните согледувања. Користен е и методот на директно мерење – утврдување на опипливи, видливи елементи, за да се утврдат и објаснат архитектонските форми, како и величините.
Авторката на монографијата, Меланија Шерденковска е доктор на науки, а вработена е на Архитектонскиот факултет при УКИМ, од 1986 година, најпрво како асистент професор, а од 1997 година е раководителка на Библиотеката на Факултетот. Авторка е неколку повикани и отворени архитектонски конкурси, како и на повеќе проекти за ентериер. Се истакнува како авторка на поголем број трудови објавени во стручни и научни списанија и учесничка на повеќе меѓународни конференции. Во нејзината научна работа посебно место заземаат долгогодишните истражувања и тезите сублимирани во докторската дисертација „Мијачко станбено градителство – потекло, развој и дострели“, коишто во малку изменета форма се објавени во книга со истиот наслов, во издание на „Матица македонска“.
Македонски весник Илинден – Makedonski vesnik Ilinden