
На 28 септември 2025 година, во Неделата по Воздвижението на Чесниот и Животворен Крст, Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан – во сослужение со Нивните Високипреосвештенства, Митрополитите: Преспанско-пелагониски г. Петар, Повардарски г. Агатангел, Крушевско-демирхисарски г. Јован, Брегалнички г. Иларион, Тетовско-гостиварски г. Јосиф, Кумановско-осоговски г. Григориј и Дебарско-кичевски г. Георгиј; со Неговото Преосвештенство, Епископот Дељадровско-илинденски г. Јоаким, како и со бројно свештенство од Скопската православна епархија – чиноначалствуваше на Осветувањето на велелепниот храм посветен на светите цар Константин и царица Елена, кој се наоѓа во срцето на градот Скопје.
На Литургијата молитвено учество зедоа и претставници од сите сфери на општествено-религиозниот живот, како и високи претставници на државната и на локалната власт.
При самиот крај на Божествената Литургија, со благослов на Светиот архијерејски синод на МПЦ – ОА, на благочестивото семејство на г. Сашо Костовски му беше доделен Светиклиментов орден од I ред за несебичната помош при доизградбата и доукрасувањето на овој величествен храм.
Нека ова ново светилиште израсне во живо сведоштво на нашата вера за идните поколенија, бидувајќи вечен извор на благослов за сиот православен народ.
Осветување на храмот „Свети цар Константин и царица Елена“ во Скопје
Македонски весник Илинден – Makedonski vesnik Ilinden






















