МАЕИ со честитка до новоизбраниот Митрополит на Корча, Неговото Високопреосвештенство г.г. Анастаси

Претседателот на Македонската алијанса за европска интеграција (МАЕИ), Васил Стерјовски, упати честитка до новоизбраниот Митрополит на Корча, Неговото Високопреосвештенство г.г. Анастаси, по повод неговиот избор и устоличување во високата и света должност.

Во честитката, Стерјовски наведува дека овој избор претставува значаен момент за православните верници од Корчанскиот округ и за целата Автокефална православна црква на Албанија. Тој изразува уверување дека духовната мисија на Митрополитот ќе даде вреден придонес за зајакнување на православната вера, вредностите на мирот, љубовта и солидарноста, како и за поддршка на македонската православна заедница во Корчанскиот округ.

Стерјовски, исто така, ја нагласува важноста Светата Митрополија на Корча да биде отворен простор за сите верници, со почитување на нивните традиции и јазици, вклучувајќи го и одржувањето на богослужби на македонски јазик, во духот на единството и разновидноста на Православната црква.

На крајот од честитката, претседателот на МАЕИ му посакува на Митрополитот здравје, мудрост и сила во неговата висока духовна мисија, уверувајќи дека под негово раководство ќе се зацврстат вербата и хармоничниот соживот во Корчанскиот округ и во цела Албанија.