Иранскиот принц во егзил Реза Пахлави ги повика демонстрантите да продолжат да излегуваат на улиците

Иранскиот принц во егзил Реза Пахлави ги повика демонстрантите да продолжат да излегуваат на улиците вечерва и утре навечер и да ги окупираат централните градски подрачја. Тој, исто така, ги повика работниците во транспортниот, нафтениот, гасниот и енергетскиот сектор да започнат национален штрајк.

Во порака до демонстрантите, тој ја пофали, како што ја нарече, нивната „храброст и издржливост“ откако милиони луѓе одговорија на неговите повици за протести во текот на изминатите неколку дена.

Пахлави рече дека „масовната излезност го потресе владејачкиот естаблишмент и ја откри кревкоста на безбедносниот апарат на Исламската Република“.

Тој рече дека следната фаза мора да се базира на постојано присуство на улиците и економски притисок, бидејќи, според него, прекинувањето на финансискиот извор на режимот би ја парализирало репресијата. Пахлави ги повика демонстрантите повторно да се соберат денес и утре во 18 часот, да носат национални знамиња и симболи и да се движат кон градските центри од повеќе насоки и да останат таму подолг временски период.

Обраќајќи им се на припадниците на безбедносните сили кои изразија поддршка за опозицијата, Пахлави ги повика дополнително да забават и да ја нарушат, како што ја нарече, „репресивната машина“ на режимот. Тој додаде дека се подготвува да се врати во Иран и дека има намера да застане со иранскиот народ во она што го нарече неизбежна победа на „националната револуција“.