
Духовната ризница на сестринството на светиот великомаченик Георгиј Победоносец во Рајчица денеска се закити со уште еден непроценлив дар. Во свештеното сокровиште на оваа света Обител пристигна дел од чесните мошти на нашиот отец меѓу светиите Василиј Велики, кој е еден од најголемите столбови на Црквата Христова и неуморен проповедник на правата вера од првите векови.
Овој чин е плод на искрената духовна љубов и почит на јеромонахот Стефан Симион од православната Црква на Романија, игумен на манастирот на светиот пророк Илија во Италија, регионот Лацио, кон нашиот возљубен старец, епископот Антаниски г. Партениј. Препознавајќи во него силен континуитет на светоотечкото предание, игуменот о. Стефан одлучи оваа реликвија да ја испрати токму во нашиот манастир, доверувајќи го нејзиното патување во рацете на искушеничката Луминица, кој е член на сестринството од Рајчица.
Самата историја на оваа светиња го потврдува нејзиното големо значење. Имено, своевремено, светите мошти му биле подарени на отец Стефан од ризницата на реликвии на католичката црква, што низ историјата биле донесени од Истокот. За нејзината автентичност сведочат оригиналните ватикански печати, втиснати под самите мошти, како и на задната страна од реликвијарот во кој тие почиваат.
Пристигнувањето на овој голем благослов, на самиот свети Василиј Велики преку неговите свети мошти, беше дочекано со неискажлива радост. Нивниот траен престој во манастирот Рајчица веќе се претвора во извор на благослов за верниот народ, кој отсега ќе може да побара молитвено застапништво пред моштите на овој велик јерарх Христов.
Македонски весник Илинден – Makedonski vesnik Ilinden