Американската амбасада во Тирана со предупредување: Можни напади врз трговски центри, клубови, ресторани

Американската амбасада во Тирана издаде итно предупредување до своите граѓани поради можни напади од групи поврзани со Иран. Потенцијалните цели вклучуваат локации поврзани со Америка, но и места каде што престојуваат туристи – од хотели до трговски центри.

„Групите поврзани со Иран може да се обидат да ги таргетираат субјектите поврзани со САД или иранските опозициски елементи во Албанија. Тие исто така може да ги таргетираат вообичаените места, како што се туристички локации, трговски центри, хотели, клубови и ресторани. Ги охрабруваме американските граѓани да бидат особено внимателни“, се вели во соопштението на амбасадата.

 

Американската амбасада им советуваше на своите граѓани што живеат во Албанија да бидат внимателни и да ги следат вестите објавени од локалните медиуми.

„Бидете свесни за вашата околина, проверете ги вашите лични планови за безбедност и држете го мобилниот телефон наполнет во случај на вонредна состојба“, се вели во соопштението, меѓу другото.

Претходно Иран ѝ се закани на бугарската амбасада во Техеран, главниот град на Иран, дека ќе ја спречи Бугарија да им помага на Соединетите Американски Држави на кој било начин.