
Голема сабота е ден на покојот, ден на Покојникот, ден на Најголемиот покој и на Најголемиот Покојник. Голема сабота е денот меѓу смртта и воскресението, меѓу Петок и Велигден, денот што ги спојува распнувањето и радоста.
Голема сабота е ден од Страдалната Седмица. Велика сабота е посветена на споменот на пребивањето на Исус Христос во гробот и Неговото слегување во адот.
Денот на Големиот Покој е времето кога Христовото тело е во гробот. Овa е втор ден на христијанската жалост, тага и молк. Ден на длабоко молчание, созерцание и покој. Сабота е денот на оплакувањето на Покојникот. Тогаш, Христовата Мајка- Пресветата Богородица и жените мироносици, по погребението, го оплакувале Исуса Христа.
На овој ден се изразува болката, тагата и жалоста на Пресвета Богородица. Голема сабота е определена како Ден за чување на гробот. Вечерта, околу полноќ, се оди во црквата каде што секој носи црвено јајце.
На полноќ сите присутни со тропарот „Христос воскресе“ три пати ја обиколуваат црквата. Во црквата се останува за големата литургија, а потоа се причестуваат, се кршкаат со црвените јајца и се омрсуваат.
Македонски весник Илинден – Makedonski vesnik Ilinden