Стојков: Одлуката на ОН е шанса за пресврт во односот на Бугарија кон Македонците

Можност за пресврт и конечна промена на дискриминаторската и асимилаторска политика на Бугарија кон Македонците. Одлуката на Комитетот за човекови права на ОН дека Бугарија ги крши правата на здружување на малцинствата е ветер во грб за претставниците на македонците кои со децении бијат битка против бугарската политика. Претседателот на невладината организација „Толерантност“ Стојко Стојков во изјава за Алфа вели дека бугарските власти се повеќе губат на меѓународна сцена и нејзината негаторска политика кон македонците останува без аргументи. Според одлуката на Комитетот на светската организација, Бугарија има рок од 180 дена да постапи што, според Стојков, е доволно време за да се види дали ќе има и реални промени:

„Ќе биде многу интересно да видиме што ќе направат сега дали ќе имплементираат нешто или ќе продолжат со истата политика да одбиваат и само формално нешто да почитуваат, колку да кажат дека еве нешто правиме“, изјави Стојко Стојков – претседател на невладина организација „Правозаштитен  комитет Толерантност“.

Комитетот на ОН е е втора моќна меѓународна организација која реагира за правата на македонците во Бугарија. Судот за човекови права во Стразбур има донесено повеќе од десетина пресуди кои Бугарија и натаму одбива да ги почитува. Ова според Стојков само покажува дека Бугарија нема лесно да се повлече од асимилаторска политика и негирањето на македонците и нивното право на здружување.

„Бугарија не сака да ги испочитува, таа сака да продолжи со политиката на дискриминација, маргинализација, асимилација на Македонците. Не сака Македонците во Бугарија да создаваат свои организации, преку кои ќе можат да ја развиваат својата култура, својот идентитет, да се  борат за своите човекови права“, изјави Стојко Стојков – претседател на невладина организација „Правозаштитен  комитет Толерантност“

Она што е важно според Стојков е што во моментов во Скопје има Влада која има цврст став кон ова прашање и категорично отфрла каква била можност за продолжување на политиките на попустливост кои ги спроведуваше власта на СДСМ и ДУИ. Според него, идејата дека со компромиси може да се постигне нешто е погрешна, ја охрабрува политиката на негација и блокади и потврдува дека колку повеќе Македонија попушта, толку повеќе соседите не блокираат. Тој се надева дека власта и опозицијата ќе имаат јасна и цврста позиција по однос на ова прашање.

Стојков: Одлуката на ОН е шанса за пресврт во односот на Бугарија кон Македонците