Европска слободна алијанса изрази загриженост за состојбата со демократските права и малцинствата во Бугарија во пресрет на изборите

Foto:European Free Alliance

Европска слободна алијанса (ЕФА) повторно изрази загриженост за состојбата со демократските права и малцинствата во Бугарија во пресрет на изборите.

Во своите реакции, ЕФА укажува дека партијата ОМО “Илинден”‘-Пирин, која е нејзина членка, се соочува со долготрајни институционални пречки и неможност за регистрација. Според нив, ова отвора сериозни прашања за политичкиот плурализам и правото на здружување.

Организацијата наведува дека македонското малцинство во Бугарија и натаму не е официјално признаено, што, според нив, доведува до ограничен пристап до основни права и заштита. Во претходни изјави, ЕФА нагласува дека „демократските права на политичко постоење на македонското малцинство треба целосно да се почитуваат“ .

Дополнително, најновите наоди на Обединети нации укажуваат дека Бугарија го прекршила правото на слобода на здружување на етнички Македонец, откако домашните судови одбиле регистрација на организација без доволно правно образложение .

Прашањето за статусот на македонското малцинство останува чувствителна тема во односите меѓу Бугарија и Македонија, со различни толкувања околу идентитетот, правата и историските аспекти.

ЕФА повикува европските институции и меѓународните организации да продолжат со мониторинг и да обезбедат почитување на европските стандарди за човекови права и демократија.