
Во Брисел денеска ќе се одржи состанок на Советот за надворешни работи на ЕУ, на кој една од темите ќе биде напредокот на Западен Балкан во рамките на европската интеграција.
Министрите на земјите-членки на ЕУ ќе одржат работен појадок со своите колеги од државите од регионот. Главна тема ќе биде спроведувањето на реформите и хибридната закана, изјави шефицата на дипломатијата на ЕУ, Каја Калас, пристигнувајќи на состанокот.
Ќе разговараме за проширувањето и што можеме да направиме за да продолжат да ги спроведуваат реформите. Ќе разговараме и за соработката во врска со хибридните закани што го загрозуваат Западен Балкан и како да им се спротивставиме. Имавме добри искуства и практики од Молдавија, а сега работиме и со Ерменија. Земјите од Западен Балкан побараа истото, бидејќи и тие гледаат напади врз нивната демократија, рече Калас.
Таа додаде дека една од темите на маса ќе биде безбедноста и одбраната.
Очекуваме тие да се усогласат со нашата надворешна и безбедносна политика и да ги спроведат реформите што треба да ги спроведат, рече Калас.
Како што беше најавено, на работниот појадок со министрите од ЕУ ќе присуствуваат шефовите на дипломатиите на Албанија, Македонија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово и Србија.
Македонски весник Илинден – Makedonski vesnik Ilinden