
Фото: Манастирот „Рождество на Пресвета Богородица“, познат како манастир Арденица
Манастирот „Рождество на Пресвета Богородица“, познат како манастир Арденица, претставува едно од најзначајните сведоштва за присуството на словенската духовна и културна традиција во Албанија.
Сместен во близина на селото Арденица, на околу 18 километри југозападно од Лушња, покрај националниот пат Фиер–Лушња, манастирот се издига на доминантна позиција на ридовите Арденица, на надморска височина од 237 метри.
Во внатрешноста на овој средновековен споменик се наоѓа ретка фреска од XVIII век, на која се претставени седум словенски светци. Меѓу нив се Светите Кирил и Методиј – основоположниците на словенската писменост и просветители на словенските народи, како и нивните ученици и продолжувачи на нивната мисија: Свети Горазд, Свети Климент, Свети Наум, Свети Ангелариј и Свети Сава.

Фото: Фреска од XVIII век, на која се претставени седум словенски светци Светите Кирил и Методиј – основоположниците на словенската писменост и просветители на словенските народи и Свети Горазд, Свети Климент, Свети Наум, Свети Ангелариј и Свети Сава.
Фреската претставува исклучителна историска, уметничка и културна вредност. Таа сведочи за раните духовни и културни врски меѓу албанската и словенската традиција и претставува едно од највредните богатства на иконографското наследство на манастирот Арденица. Воедно, таа е значајна референтна точка за истражувачите на историјата, црковната уметност и културното наследство на регионот./Автор Никола Ѓурѓај
Македонски весник Илинден – Makedonski vesnik Ilinden