Албанскиот совет за медиуми го осуди насилството врз новинарите за време на протестот

Албанскиот совет за медиуми најостро го осуди насилството врз новинарите кои известуваа од протестите одржани на 13 октомври, повикувајќи ги надлежните институции да преземат конкретни мерки.

Советот го осуди насилството пријавено од АГШ врз новинарите Измир Акулли од „Dosja.al“, Анести Бајрамемај и Хери Симота од „A2 CNN“, Вјоланда Пеца од „Citizens.al“ и Фатиме Халмусај, како и заканите упатени кон новинарот Џои Малесија од „Top News“.

Од Советот оценуваат дека ваквите инциденти се неприфатливи и се во спротивност со европските стандарди за слобода на печатот и заштита на новинарите.

Во соопштението се посочува дека насилството директно го поткопува процесот на воспоставување стандарди за заштита на новинарите и слободата на медиумите, во кој е вклучена и Владата на Албанија.

Според Советот, неселективното насилство врз новинарите отвора сомнежи за вистинската посветеност на владата кон почитувањето на овие стандарди, доколку заложбите останат само на состаноци и на хартија, без конкретна примена во институциите и системот.

Албанскиот совет за медиуми ги повика надлежните органи сериозно да ги разгледаат пријавите на новинарите и недвосмислено да реагираат со конкретни дејствија против насилството врз медиумските работници.