Албанската и Шпанската ракометна федерација ги здружија силите за развој на ракометот

Foto:Federata Shqiptare e Hendbollit

Албанската и Шпанската ракометна федерација потпишаа договор за соработка со кој ќе работат заеднички на повеќе сегменти – од теренот, преку едукацијата на кадри, до судењето и организацијата.

Договорот беше потпишан во Тирана, во седиштето на Олимпискиот комитет на Албанија, од претседателот на Албанската ракометна федерација, Лаерт Ќендро и првиот човек на шпанската федерација Франциско Беласкез Гарсија. На потпишувањето присуствуваа и генералниот секретар на Олимпискиот комитет на Албанија Герти Шима, како и албанскиот министер за спорт Бленди Гинџја.

Соработката нема да остане само на формален документ. Предвидени се конкретни технички програми и работа на терен, размена на методологија и знаење во администрацијата, како и заедничка работа во судискиот сектор.

Посебно е предвидена можност за размена на судии, но и организација на курсеви и семинари преку кои албанските кадри би можеле директно да учат од шпанскиот модел. Целта е постепено да се подобри квалитетот на работата на сите нивоа – од тренерите и играчите, до луѓето кои ги водат клубовите и натпреварувањата.

За Албанија ова е значаен чекор, особено ако се има предвид дека земјата во европски рамки сè уште е во процес на градење посериозна ракометна структура. Албанската федерација е полноправна членка на ИХФ од 1992 година, а актуелен претседател е Ќендро, додека генералниот секретар е Арманд Чакали.

Договорот со Албанија е дел од пошироката меѓународна стратегија на Шпанската ракометна федерација. Во последните години Шпанците развиваат вакви партнерства со повеќе федерации од Европа и од другите континенти. Меѓу земјите со кои веќе имаат воспоставено соработка се Романија, Полска, Словачка, Аргентина, Саудиска Арабија и Иран.

Во февруари годинава, на пример, Шпанија потпиша сличен договор со Романија. Таму соработката опфаќа и размена на тренери и судии, заеднички тренинг-кампови, пријателски натпревари и соработка околу организација на натпреварувања. Тоа покажува дека шпанската федерација сè повеќе го користи сопствениот систем на тренерска работа, развој на играчи и судии како основа за меѓународни партнерства.

Во последниот период федерацијата се обидува преку соработка со други национални федерации, но и преку односите со ЕХФ и ИХФ, да создаде подобра основа за идните генерации.