Македонија: Доделување на државната награда „23 Октомври“ за 2026 година

Државната награда „23 Октомври“ претставува мост меѓу македонското историско наследство и современите достигнувања во науката, културата и уметноста. Ова го истакна претседателот на Одборот за доделување на наградата и директор на Институтот за национална историја, проф. д-р Митко Панов, за време на свеченото доделување на државното признание за 2026 година.

Добитници на највисокото признание годинава се актерот Ѓорѓи Јолевски во областа на културата и уметноста, како и историчарот проф. д-р Стојко Стојков и археологот проф. д-р Виктор Лилчиќ Адамс во областа на науката.

Во своето обраќање пред присутните, Панов нагласи дека овој празник не претставува само обичен датум запишан во аналите, туку историски пресврт што активно ја обликувал македонската национална траекторија.

„Постојат датуми што историјата ги бележи, но постојат и датуми што ја создаваат историјата. Датуми што стануваат симболи на слободата, достоинството и историската истрајност на народите и нациите. Дваесет и трети октомври е токму таков датум“, истакна Панов.

Тој оцени дека слободата и државноста не се врзани само за минатото, туку секојдневно се потврдуваат преку институционалната работа, научните резултати, културното творештво и личната одговорност. Панов посочи дека државната награда претставува израз на почит кон оние што оставиле длабок белег во општеството.

За актерот Ѓорѓи Јолевски беше нагласено дека со богатата сцена и филмска дејност придонел театарот да биде простор за уметничко истражување и духовна врска со публиката. За историчарот Стојко Стојков беше посочено дека неговиот научен труд ја потврдува важноста на историографијата во времиња кога македонската историја се соочува со оспорувања. Археолошките истражувања на Виктор Лилчиќ Адамс, пак, се оценети како исклучителен придонес кон заштитата на културното богатство на земјата.

Во име на добитниците говор одржа проф. д-р Виктор Лилчиќ Адамс, кој потенцираше дека Македонија има историски и цивилизациски континуитет што ретко која земја во светот може да го посведочи, изграден врз жртвата на многу генерации.

„Денес оружјето е заменето со културни и научни дела и резултати. Денес пред современата македонска држава и цивилизација, исполнета со безброј лузни и мемориски спомени на делата на милиони човечки души, вѕидани во темелите на државата Македонија, сепак се исправаат уште многу предизвици. Токму затоа, ние категорички тврдиме дека ако ни се даде зелено светло на умот, водени на развојот на културата и особено науката, Македонија и современите човечки заедници во неа имаат голема шанса да доживеат многу поголем развој во неизвесната иднина што претстои“, истакна Лилчиќ Адамс.

Тој додаде дека наградата за лауреатите претставува посебна чест, но истовремено и одговорност за понатамошна истражувачка и уметничка работа.