Меѓународната еврејска организација Chabad-Lubavitch ќе го отвори својот прв постојан центар во Албанија, оддавајќи признание на традицијата на албанската Беса и хуманоста што албанскиот народ ја покажал кон Евреите за време на Холокаустот.
Одлуката за отворање на центарот беше објавена за време на Меѓународната конференција на пратениците на Chabad-Lubavitch. Во објавата на официјалната веб-страница на организацијата, посебно се истакнува историската улога на албанските семејства кои за време на Втората светска војна ги засолнувале и штителе Евреите од нацистичкиот прогон.
Рабинот Јоси Фридман, кој заедно со својата сопруга Етка и синот Меир ќе се пресели во Албанија за да го воспостави новиот центар, ја опиша Бесата како традиција на одржување на дадениот збор и заштита на пријателот, без оглед на ризикот и последиците.
„Албанскиот концепт на Беса значи да го одржиш ветувањето дадено на пријателот, без оглед на цената. За време на Холокаустот, Албанците го одржаа тоа ветување кон еврејскиот народ. Дојдовме да изградиме дом во кој секој Евреин што ќе влезе низ вратата ќе биде третиран како член на семејството, исто како што Албанија го третираше нашиот народ кога тоа беше најважно“, изјави рабинот Фридман.
Во објавата се потсетува дека Албанија зазема посебно место во еврејската историја поради заштитата што им ја пружиле Албанците на Евреите за време на Холокаустот. Многу албански семејства ги отвориле вратите на своите домови, обезбедувајќи им засолниште на прогонетите Евреи, и покрај опасноста по сопствениот живот.
Според организацијата, Албанија била единствената европска земја во која по завршувањето на Втората светска војна живееле повеќе Евреи отколку пред почетокот на војната.
Новиот центар ќе биде наменет за потребите на локалната еврејска заедница, но и за еврејските туристи кои ја посетуваат Албанија, особено оние од Израел. Во него ќе се обезбедуваат верски услуги, кошер-храна, традиционални шабатски оброци и други активности за заедницата.
Организацијата потсетува и на околу две илјади години еврејско присуство на албанска територија, за што сведочат и археолошките остатоци од древна синагога откриени во Саранда.
Воедно, се споменува и периодот на комунистичкиот режим, кога верските практики биле забранети, а еврејската заедница во Албанија останала изолирана од еврејските заедници во остатокот од светот.
Со отворањето на првиот постојан центар, семејството Фридман има за цел да го зајакне верскиот и општествениот живот на Евреите во Албанија, градејќи ја својата мисија врз историското наследство на Бесата, солидарноста и албанското гостопримство.
Македонски весник Илинден – Makedonski vesnik Ilinden
