Албанија: Акцијата за уривање на дивоградби во планинското туристичко место Тет

Акцијата за уривање на дивоградби во планинското туристичко место Тет (Theth) трае веќе недела дена. Багерите на Националниот инспекторат за заштита на територијата (ИКМТ), со асистенција на полицијата, продолжија со отстранување на објектите, досега се урнати околу 70 нелегално изградени објекти, а се очекува акцијата да продолжи и во наредните денови.

Иако состојбата на терен е претежно мирна, тензиите и понатаму се присутни. Пред црквата во Тет, која е симбол на регионот, се одржа „Собрание на луѓето“ – традиционален собир на кој локалните жители разговараа за акцијата и нејзините последици.

Жителите на Тет (Theth) изразија загриженост за иднината на нивните објекти и бараат од владата да ја прекине операцијата и да им понуди решение за легализација на објектите како дел од поширок план за развој на планинскиот туризам. Тие тврдат дека надлежните немаат налог за уривање и дека акцијата се спроведува среде туристичка сезона.

Акцијата за уривање започна по наредба на премиерот Еди Рама, кој изјави дека објектите се нелегални и ја уништуваат природата.