Албанија преговара со пет странски компании за производство на артилерија и борбени дронови

Министерот за одбрана Пиро Венгу изјави дека многу наскоро Албанија може да започне со производство во воената индустрија, главно во артилерија, муниција, борбени дронови и униформи „Made in Albania“.

Венгу во телевизиско интервју зборуваше за чекорите кои се преземени во оваа насока со законот за воената индустрија, усвоен минатата година.

Од целиот правен пакет се создадени два субјекта, домашна и странска компанија. Една од нив е „КАЈО”, која е државна компанија за производство на муниција, опрема и системи, која ја прегрупираше целата стара воена индустрија, меѓу кои фабриките Поличан, Грамш и Мјекеш, рече Венгу.

Според него, досега интерес пројавиле 21 странска компанија за инвестирање во производство на муниција, униформи, оклопни возила, борбени дронови.

Преговараме со пет од нив и верувам дека наскоро ќе имаме добри вести во оваа насока, особено за регенерација на производствената активност, за артилерија, муниција, борбени дронови и униформи „Made in Albania“ во овие фабрики, најави тој.

Венгу додаде дека Албанија е „мал пазар, земја со релативно скромно население и средства во споредба со земјите на НАТО” и поради тоа, како што рече, „мора да ги здружиме силите за да ги постигнеме целите и капацитетите што мора да ги имаме за повторно вооружување или системите што ги користиме”.