Албанската Православна Црква пожртвувано ги помага погодените од земјотресот

Во вторникот утрото, 26 ноември 2019 год. се случи силен земјотрес во Албанија со јачина од 6, 4 степени, кој што предизвика огромна материјална штета и резултираше со значителен број на жртви 50 мртви и повеќе од 4000 повредени. Многу семејства преку ноќ останаа без своите домови. Поттикната од сострадална грижа за своето паство, Албанската Православна Црква, заедно со Неговото Блаженство Архиепископот Анастасиј, реагираше веднаш и пожртвувано се посвети на мисијата за помагање и духовна поткрепа на жртвите од земјотресот. Целата структура на Албанската Црква не ги штедеше своите ресурси и време во процесот на обезбедување привремени засолништа за бездомните и олеснување на болките на луѓето што настрадаа во земјотресот. Храмовите беа постојано отворени за прием на сите кои останаа без покрив над своите глави, а беше обезбедена и интервентна помош во натура. Притоа, Албанската Црква не остана без поддршката и од своите сестрински Цркви, вклучително и Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, која усрдно се погрижи да обезбеди финансиска помош за настраданите.