
АЛЕКСАНДРА КУЗМАН, етномузиколог, музички изведувач (инструмент виолина)
Не толку одамна, пред само две години (2023), македонската музичка наука доби уште еден значаен теоретичар од областа на музиката – Александра Кузман, која докторира на една тема која не е толку често застапувана во нашите современи простори. Објавувањето на еден дел од нејзиниот индивидуален докторски труд „Македонската чалгија“ ќе го потврди тоа најевидентно покажувајќи ја нејзината подготвеност да говори за ова прашање многу авторитарно и со подготовка што доликува на нејзината титула. Таа дипломирала во 2009 година на Факултетот за музичка уметност во Скопје, на Катедрата за музичка теорија и педагогија, а вториот циклус студии ги продолжила на истиот факултет, оддел етномузикологија. Докторирала во 2019 година завршувајќи го третиот циклус студии (културолошки студии) на Институтот за македонска литература во Скопје. Од 2013 година до актуелниов момент работи во Институт за фолклор „Марко Цепенков“ во Скопје во Одделот за етномузикологија и етнокореологија.
Богатото традиционално и културно наследство во Македонија е веќе одамна простор и место каде што не само наши научници ги запираат своите истражувачки интереси, туку се обидуваат и да создаваат нови позначајни вредности секогаш потпирајќи се на основната матрица на која се впишани историски и со векови сите значајни факти за нашата музичка традиција. Токму е тоа и причината што Александра Кузман својот севкупен творечки живот го посвети на ова музичко поле, не само со проширување и потврдување на теоретските знаења, туку учествувајќи и самата во нејзиното творење.
Б.З.Б.:
Секоја научна работа без оглед на тоа за која наука се работи, умее да ја вовлече секоја личност толку длабоко во себе што најчесто се пренебрегнуваат сите други животни потреби и активности. На кој начин успеваш да го направиш балансот меѓу истражувачката работа, изведувањето на музиката која си ја одбрала и секојдневниот работен живот? Затоа што од објавениот труд може да се забележи дека за да можеш да направиш едно волку исцрпно дело, биле сепак неопходни неколку години трпелива работа во истражување на документи, артефакти и материјали кои ќе ти ги надополнат, од една страна и конкретните знаења, но и ќе овозможат создавање на едно волку исцрпно дело за Чалгиската музика воопшто (Алкександра Кузман, Македонската чалгија 1, Институт за фолклор „Марко Цепенков – Скопје – 2023 година).
А.К.:
Изданието посветено на македонската чалгија, всушност е еден дел од мојот докторски труд, којшто пред сè, се фокусира на една исклучително убава македонска градска музичка традиција којашто го обогатила целокупниот културен живот во македонските градски средини, најмногу во 19 и 20 век. Со оглед на тоа дека некогашните мајстори, главните носители на чалгиската традиција, како што се велешкиот Ало Тончов, охридскиот Климе Садило и многу други, одамна не се меѓу нас, истражувањето ме втурна кон длабински „ископувања“ низ архивите, при што главниот извор ми беше, навистина богатата архива на Институтот во којшто работам. Беа потребни долготрајни преслушувања на магнетофонските ленти коишто содржеа, за мене, енормно вредни податоци поврзани со чалгијата, бидејќи тоа е нешто што веќе денес не може да се слушне и доживее во онаква форма каква што била некогаш. Вистинскиот баланс секогаш може да се постигне кога ја сакаш работата што е твоја животна определба и кога таа е дополнување на она што тебе ти е пасија. Во мојот случај, теоријата и праксата се тесно поврзани, го практикувам/свирам она во коешто сум заљубена 😊, а истото го истражувам и од еден теоретски аспект.
Б.З.Б:
Иако во музичките кругови си одамна позната како активен член изведувач на виолина во веќе култната група „Чалгија Саунд Систем“, она што мене лично ме мотивира да поразговарам отворено со тебе, интересно е да се знае кои се вистинските пориви да се направи едно толку исцрпно и значајно дело со кое ќе се овековечат не само сите нејзини претходни создавачи на помали и поголеми дела, туку и севкупното знаење за чалгијата и чалгиската традиција кај нас, и тоа да се обедини во едно единствено дело. Значајно дело кое секако заслужува посебно внимание особено од страна на твоите колеги и еднакво познавачи на оваа тема.
А.К.:
Ви благодарам за убавите зборови насочени кон она што е мое поле на интерес – за мене преубавата -а верувам и за други- чалгиска музика, бидејќи денес навистина е исклучително вредно да се чуе по некој убав збор за нечија работна активност, со оглед на секојдневните грижи на секој еден од нас. Ова издание е само едно пишано дополнување на нешто што за мене, од 2006 година се претвори во главна секојдневна преокупација. Ја спомнувам оваа година како навистина многу значајна, бидејќи тогаш имав привилегија да бидам дел од семинарот за чалгија „Бадијалџи или бидичалги“ (во организација на оркестарот „Пеце Атанасовски“ и издавачката куќа „Профундус“), којшто ја постави и запечати линијата на движење на мојот интерес и пасија. Како резултат на тој семинар, во 2008 година се формираше групата Чалгија саунд систем, во којашто, со огромна љубов кажувам дека, е гордост и привилегија да бидам член. Таа пасија негувана во студиото каде што ги одржуваме нашите проби после коишто следат и многубројните настапи, е вистинскиот порив да се истражува една ваква прекрасна музика, вистински репрезент на нашето македонско градско минато, па тоа и да резултира со печатено издание посветено на таа музика.
Б.З.Б.:
Која беше основната идеја и муза водителка што те воведе во овие за нас толку значајни води на музичко творење? Дали постоеше некоја внатрешна сила, некој голем мотиватор што те повикувал и ти ја наметнал идејата, ако го посветуваш на нешто животот, тоа да биде пред сè чалгиската музика? Затоа што повеќето од твои другари, пријатели и јавноста те знаат како извонреден музички изведувач на виолина?
А.К.:
Човекот којшто кај мене ја изнедри љубовта кон виолината, е мојот, неодамна починат, но бескрајно драг наставник по виолина – Методија Баракоски-Менде. Тој ме водеше во осознавањето на мојот детски музички свет, што ме наведе своите средношколски денови да ги поминам во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ во Скопје, повторно со виолината во рака. Попатно се појавија уште многу драги луѓе кои придонесоа кон градењето на мојата личност и кон растежот во òд со музиката. Но, во еден момент, во една, за мене животна раскрсница, кога требаше да одлучам каде ќе чекорам понатаму, дали ќе ја продолжам својата детска замисла професионално да се бавам со класичната музика или да тргнам по сосема нов пат, по еден разговор со мојот татко решив да се појавам на еден настап во некогашното кафуле „Медиум“ кај Дом на АРМ, на групата Калдрма, која денес веќе не постои. Кратко членував во оваа група, којашто тогаш значеше откривање на еден нов, сосема поразличен музички свет, па од тој момент, сите коцки решија да се постават така, за во 2006 година да бидам дел од семинарот за чалгија што го спомнав, а во 2008 година да се оформи и групата Чалгија саунд систем, којашто посветено ја негува македонската чалгија во еден современ културен контекст.
Б.З.Б.:
Но македонската музичка јавност, особено оние што го следат твоето севкупно присуство во музичките кругови, еднакво знаат дека ти беше музички изведувач и во уште една музичка група со сосема поинаква ориентација и многу посовремени можности, говориме за Стринг Форсис. Како еден музичар изведувач ги балансира своите изразувачки потреби за да биде еднакво добар и во современата и во традиционалната музика, кои понекогаш ги ставаат во дилема и самите изведувачи. Дали во таквите случаеви се работи исклучиво за дарбата на изведувачот (ти како виолиниста) и неговата способност да се вклопи во музичката матрица што се следи, или пак постојат некои посебни правила кои еднакво мораат да се учат и да се знаат?
А.К.:
Во еден дел од творештвото на Стринг форсис, сепак суптилно, дискретно се чувствува инспирацијата, односно допирните точки со чалгијата, иако станува збор за комплетно авторски бенд којшто со себе носи еден уникатен безвременски звук, препознатлив за урбаното живеење на овие простори. Кога размислувам за постигнувањето баланс меѓу најмалку две нешта, секогаш ми доаѓа спротивставувањето на ставовите, дека – „не си музичар, ако не си 24 часа со музиката“, или „не си научник, ако не си 24 часа со науката“ и слични вакви, по мене, обременувачки ставови. Сметам дека животот го исполнуваат многу различни нешта, и токму збирот на тие нешта го прават животот убав. Па дури, и потешките емотивни ситуации или некои одредени негативни појави се тука за да те научат тебе нешто, како човек. А постоењето на овие две музички групи во моето музичко секојдневие е едно од нештата кои му даваат смисла на мојот живот. Станува збор за две прекрасни музички групи со прекрасни и различни, по карактер, луѓе. Секој со своите внатрешни мисли, борби, грижи, но луѓе кои одлучиле во еден дел од денот, месецот, годината да споделат заеднички музички мисли и емоции на многубројните проби во студиото во Мимоец 😊, а потоа и на сцената. Убави се тие средби на различностите, и она што најмногу спојува и балансира е огромната љубов и ентузијазам на сите нас кон музиката и кон споделувањето на тие заеднички музички моменти.
Б.З.Б.:
По вака успешните години минати исклучиво во музиката и можностите што може да ги отвара музичкиот творечки свет, дали во тебе се јавува некоја конкретна желба за проширување на твоите сфери на интерес? Какви се следните планови на Александра Кузман за понатамошно севкупен творечки напредок, или со докторатот се заокружи и се затвори една многу значајна страница од овој дел од животот?
А.К.:
Докторатот е само еден од почетните чекори кон моите истражувачки интереси. Ако реков дека изданието кое го спомнуваме е само еден дел, она што следува е намерата да излезе и вториот дел кој се однесува на етномузиколошките аспекти и карактеристики на самиот звук на чалгијата, но и третиот дел кој се однесува на современата состојба на чалгијата. Во моментов моите интереси, освен што со душа ги чекам нашите проби и настапи, се насочени и кон откривање на процесите и механизмите за заштита на нематеријалното културно наследство во коешто чалгијата како значајно културно добро го зема главниот збор, и кон дигитализацијата на архивските аудиоматеријали поврзани со истото, како еден од механизмите за заштита и зачувување на еден дел од нашето преубаво македонско културно наследство – македонската чалгија.
Разговорот го водеше Билјана.З.Билјановска, независна новинарка, поетеса, писателка, раскажувач, новелиста, професионален преведувач
Македонски весник Илинден – Makedonski vesnik Ilinden