
Амбасадата на Соединетите Американски Држави во Тирана објави безбедносно предупредување за американските државјани низ цела Европа, во пресрет на новогодишните и божиќните празници.
Во предупредувањето се посочува на можен ризик од терористички напади и криминални активности на места каде што се собираат голем број луѓе, како што се божиќните пазари, трговските центри, транспортните центри и јавните празнични настани.
Американската амбасада ги советува своите граѓани да бидат особено внимателни поради можни протести, штрајкови и лажни дојави за поставени бомби, кои во последниот период предизвикале прекини во авионскиот сообраќај во неколку европски земји.
Според предупредувањето, масовните собири и јавните настани можат да бидат потенцијални цели на терористички групи и криминалци. Не се исклучува можноста за напади од поединци кои дејствуваат самостојно, без претходно предупредување.
Како потенцијално ризични локации се наведуваат туристичките места, железничките и автобуски станици, аеродромите, трговските центри, верските објекти и другите јавни простори.
Американските државјани се повикуваат да бидат внимателни за време на фестивалите и празничните манифестации, да ја следат околината и да ги почитуваат упатствата на полицијата и службите за итни случаи.
Во предупредувањето се наведува и дека во текот на празничната сезона се можни нарушувања во транспортот и секојдневниот живот низ Европа, особено поради штрајкови, протести и безбедносни инциденти.
Амбасадата ги повикува американските граѓани кои патуваат во странство редовно да ги следат локалните медиуми и да се регистрираат во програмата Smart Traveler Enrollment Program (STEP), преку која можат да добиваат најнови безбедносни информации за земјите во кои престојуваат. Предупредувањето се однесува на цела Европа и има превентивен карактер.
Македонски весник Илинден – Makedonski vesnik Ilinden